Фото и рецепт:
Петар Попоски
Кога бев дете и за зимскиот распуст одев кај мојата баба, барем два до три пати во текот на зимата, таа го спремаше овој специјалитет за ручек.
Сега, јас можеби не можам да го доловам тој автентичен вкус, но отприлика тоа е тоа!
Потребни состојки:
1кг телешко месо
1.5кг кокар или поситни главици кромид
5 чешниња лук
Суви црвени пиперки
2 дл црвено вино
Сол, црн бибер, доматно пире (100 грама), морков, помас (маслиново масло за готвење) или свинска маст.
Подготовка:
Месото кратко пропржете го на малку маснотија, додадете вода и на тивок оган динстајте околу 2 часа.Главиците кромид исчистете ги и додадете ги цели во тенџерето со месо.
Додадете ги и сувите црвени пиперки, зачините и виното. Оставете уште десетина минути да прокчка, а потоа содржината префрлете ја во земјено тавче.
Морковите пропржете ги на тивок оган и кога маснотијата ќе се обои и малку ќе омекнат, потурете ги врз месото и кромидот. Додадете ги и лукчињата исечени на крупно.
Додадете го доматното пире или кечап, промешајте и ставете да се пече на 220 степени 1 час.
Потоа намалете ја температурата на 180 степени и печете уште еден час.
Готово е кога течноста ќе биде испарена.
Бидете внимателни кога ќе сервирате во чинии, за да не ви се распадне кромидот.
Добар апетит, со овој прекрасен вкус, со кој можете да се напиете една чаша црвено или црно вино!