Карциномот на дебелото црево е подмолна болест. Обично симптомите се јавуваат дури во одмината фаза на болеста и не се секогаш специфични. Најкарактеристичните симптоми се:

-болки во стомакот

-губење на телесната тежина

-промена во столицата (многу тенка со облик на молив)

-крв во столицата

-опстипација

-чести промени во празнењето на цревата, од дијареа до опстипација и наизменично и сл.

Болеста долго се развива без видливи тегоби. Кога знаците ќе се појават, болеста веќе напредувала.

Во светот годишно заболуваат повеќе од милион луѓе од карцином на дебелото црево. На околу 35% од заболените им се дијагностицира болеста дури откако ракот метастазирал.

По својата зачестеност, карциномот на дебелото црево е еден од трите најчести малигни тумори воопшто. Во почетните стадиуми процентот на излекување е преку 90% (стадиум I или II). Во стадиум III, односно кога болеста ќе се прошири на околните лимфни жлезди, процентот се намалува на 70%. А во метастатска фаза на болеста, процентот на излекувани не преминува 5%.

Обично се јавува кај лица постари од 50 години (90%). Дебелото црево се состои од два дела: колон и ректум. Карциномот на колон е малку почест кај жените додека карциномот на ректом е почест кај мажите.

Се јавува кај лица кои имаат слаба дневна физичка активност и се хранат со одреден тип на исхрана богата со масти. Почесто се јавува кај лица кои веќе имаат некои други одредени болести на дигестивните органи, како што е полипоза на цревата и сл.

Што е рано откривање на ракот на дебело црево?

Раното откривање (скрининг) на ракот на дебело црево подразбира тестирање на здрави лица, без присутни симптоми и знаци на болеста, со цел откривање на промени, начесто полипи, кои претходат на ракот во рана фаза.

Полипите се бенигни израстоци во внатрешноста на цревата. Кај некои полипи со текот на времето можат да се развијат и малигни промени. Времето на премин од бенигно во малигно се мери во години. Со благовремено откривање и отстранување на полипите пред настанокот на нивната промена, се спречува појавата на рак.

Постојат неколку начини за скрининг. Со тестирање на примерок од столицата за присуство на крв, кој обично е невидлива за голо око, а која најчесто е првиот знак за постоење на полипи или рак на дебелото црево, е најчесто користениот метод.

Сите лица кои имаат од 50 до 74 години би требало да направат тест за скриено крвавење во столицата.

Позитивниот тест воопшто не значи и постоење на рак. Лицата кај кои тестот се покажал позитивен, се упатуваат на колоноскопија, за да се открие причината за крвавење – бенигнен полип, малигна болест или некое друго заболување на дебелото црево.

Доколку тестот е негативен, повторното тестирање за скриено крвавење во столицата се повторува за две години.