Многу добар рецепт, ви ги откривам сите тајни за одлично приготвена баклава. Јас правев поголема количина, но вие можете да ги намалите состојките.
Потребни состојки:
3х400 г тенки кори за баклава
1 кг ореви
5-6 лажици шеќер
400 г путер
100 мл масло
за шербет:
2 кг шеќер
3 парчиња лимон
вода
Постапка:
Оревите сомелете ги, а една четвртина оставете ги покрупно, сечкани. Измешајте ги со шеќерот.
Путерот и маслото растопете ги во тенџере и соберете ја пената што ќе се собере на површина. Одржувајте го топло, но внимавајте да не ви загори и да ја промени бојата. Важно е корите да се прскаат со топол путер за да биде баклавата покрцкава.
Корите исечете ги според величината на вашиот голем плех од рерна. Оставете 7-8 кори и покријте ги со фолија за да не се исушат.
Плехот намастете го со путер и започнете со редење на баклавата. Наредете 5-6 кори, а секоја испрскајте ја со врела мешавина од путер и масло.
Наросете рамномерно 3-4 лажици ореви. Повторно ставете една кора, испрскајте ја со врел путер, па ставете втора кора и повторете ја постапката. Јас користев чајни лажички и приближно за секоја кора користев по две лажички растопен путер.
Врз третата кора ставете ореви, без путер. Според истиот редослед (на секоја трета кора – ореви) продолжете со редењето, додека имате материјал.
Јас ги искористив и пресечените вишок ленти што ми останаа кога ги мерев корите според плехот.
Кога ќе се потрошат оревите и корите, се приготвува завршниот слој од корите кои на почетокот ги тргнавме на страна.
Во еден сад ставете малку вода и лажичка масло, па со четка премачкајте ја секоја кора. Наредете ги корите една врз друга, секоја премачкана со оваа мешавина.
Вака наредената баклава внимателно исечете ја со остар нож, па полека со лажица прелијте ја одозгора со остатокот од путерот, да биде убаво натопена.
Се пече во претходно загреана рерна на 170 степени, два часа. После еден час од печењето, намалете на 150 степени, или прилагодете го печењето според вашата рерна. Важно е баклавата убаво да зарумени, но треба да се внимава и да не се претера.
Кога баклавата ќе се стави во рерна за да се пече, започнете со варењето на шербетот.
Шеќерот ставете го во длабоко тенџере и долејте вода два прста над шеќерот. Додадете парчиња лимон и на силен оган оставете да зоврие. Веднаш намалете ја температурата на умерена и варете уште 15 минути. Потоа исклучете ја ринглата, а шербетот оставете го да стои на неа додека да се испече баклавата.
Испечената баклава извадете ја од рерна и оставете ја да се лади 10 минути. Со кутлача за супа излевајте го рамномерно шербетот врз баклавата. Прво ставете три кутлачи, па почекајте да се впијат. Па повторно три, нека впие, па продолжете со постапката излевајќи го шербетот во тенок млаз.
Кога ќе ви остане една третина од шербетот, вратете ја баклавата во рерна и оставете да ја еден час. На крај прелијте ја и со остатокот од шербетот. Оставете ја на собна температура за целосно да излади.
Изладената баклава прекријте ја со фолија и оставете да ја преноќи вон фрижидер, во некоја ладна просторија, а дури следниот ден можете да ја ставите во фрижидер.
ВАЖНО:
-Путерот со кој ќе ги прскате корите секогаш да биде врел.
-Горните кори да ги мачкате со вода, за да не се превиткуваат нагоре кога ќе ги прелиете со шербетот.
-Шербетот постепено и трпеливо да се залева, резултатот ќе биде одличен
-Баклавата да ја оставите да излади на собна температура, тогаш шеќерот нема да кристализира.
Coolinarika.com