Фото и рецепт: Оска

Ова е рецепт на баба ми која одамна не е меѓу нас. Кога ги правам овие крофни, ме фаќа носталгија и се сеќавам на детството и неделниот ручек, после кој доаѓаа овие мирисни и топли крофни.

Потребни состојки: 1 коцка свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 1 прстофат сол, 1 шака маст, 2 жолчки, околу 600 мл млеко, 800-900 г брашно, 2 лажици шеќер и по желба лимонова кора или малку ракија. За прелив: 500 мл млеко, 4 лажици шеќер и по желба ванилин шеќер или рум

Постапка: Издробете го квасецот во топло млеко и додадете лажичка шеќер. Добро промешајте додека квасецот да се растопи, па прелијте во садот со просеано брашно. Оставете 10/тина минути додека да се активира и запени.

Додадете ги останатите состојки и замесете меко тесто кое не се лепи на раце. По потреба додадете уште брашно. Малку намастете го со масло и оставете го на топло да го удвои својот волумен.

Потоа тестото премесете го на набрашнета работна површина и развлечете го во кора со дебелина од 2-3 см. Сечете со тркалезен калап за крофни со пречник од 8 см.

Крофните редете ги во тепсија, една до друга. Тепсијата не е потребно да се намастува.

Остатокот од тестото премесете го и повторете ја постапката или ако сте ја пополниле тепсијата можете да направите пита, полнети лепчиња или нешто по ваша желба. Тестото е убаво и погодно за разни печива.

Крофните се оставаат на топло малку да се удвојат. За тоа време загрејте го млекото со шеќерот додека тој да се растопи. За една тепсија потребно е половина литар млеко.

Со топлото млеко се прелеваат сите крофни и малку се протресува тепсијата за да испливаат. Ставете ги да се печат во загреана рерна на 180-200 степени околу 30 минути.

Температурата за печење е нешто што секој мора според својот шпорет ја прилагоди. Кога ги печам во еден друг шпорет, користам од 150-170-180 степени. Така и вие прилагодете ја температурата, треба да биде средно/умерена.

Додека се печат крофните многу нараснуваат. Се послужуваат топли со една лажица џем, нутела или некоја друг сладок крем одозгора. Може да се наросат и со шеќер во прав.

Овие крофни ги правам во текот на целата година, моите деца многу ги сакаат, а и ние секако.

Coolinarika.com