Фото и рецепт: Ренци

Има ли некој што не го сака дебелкиот Дедо Мраз со бела брада? Додека децата му пишуваат писма со желби, ние можеме да им испечеме колачи со неговиот лик и да ги израдуваме нашите најмили. Секако, можете да ги викнете децата да ви помогнат, па заедно да се забавувате.

Потребни состојки:

200 г шеќер
400 г путер
600 г сенаменско брашно
1 прстофат сол
2 лажици екстракт од ванила (или 2 ванилин шеќер)

За украсување:

100 г шеќер во прав
неколку капки лимонов сок
боја за колачи
2 коцки чоколадо за готвење

Постапка:

Од сите наведени состојки се замесува мазно тесто. Ако е потребно, додадете уште малку брашно, тестото да не биде лепливо. Завиткајте го во фолија и оставете го најмалку еден час во фрижидер.

Потоа тестото извадете го од фрижидер, развлечете од него кора на набрашнета работна површина. Кората треба да биде тенка околу 3 мм.

Потоа со калап вадете ѕвездички и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Вака наредените ѕвездички ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 10 минути додека да добијат златножолта боја.

Печените ѕвездички оставете ги малку да изладат, па дури потоа извадете ги од тепсијата. Откако целосно ќе изладат, можеме да започнеме со украсувањето.

Глазура: Се приготвува од шеќер во прав и неколку капки лимонов сок. Сокот се додава полека сè додека смесата да стане густа и погодна за работа. Дел од глазурата ја оставаме бела, а во дел додаваме црвена прехрамбена боја.

Врвот на ѕвездичката го украсуваме со црвена боја и ќе ја претставува капата на Дедо Мраз, па правиме и две странични краци за рацете.

Со белата глазура ги цртаме очите, брадата и рацете, па додаваме црвени копчиња. Кога сè ќе исцртаме, растопуваме две коцки чоколадо, па во него натопуваме чепкалка за заби и ставаме точкички на очите. Нашиот дедо е готов!

Од оваа количина се добиваат 50 колачиња. За украсување користев хартиени кесички, а ако имате вие можете да се послужите и со готови бои за пишување во туба. Доколку немате, можете да користите хартиена или најлон кеса за замрзнување, на која сте и го потсекле врвот (многу малку, за да излегува тенко).