Секоја есен, штом се појават портокалите, јас го приготвувам овој едноставен колач, но бескрајно вкусен.

Потребни состојки:

120 г путер
210 г шеќер
4 јајца
1 портокал
125 мл млеко
180 г брашно наменско за колачи
½ прашок за печиво
100 г ореви

За глазура:

120 г шеќер
1 портокал (кора+сок)

Постапка:

Изматете цврст снег од белки со прстофат сол Оревите сомелете ги и со лажица промешајте ги во снегот.

Во посебен сад изрендајте кора од портокал и исцедете сок. Со миксер изматете го путерот со шеќер, а потоа додавајте една по една жолчка.

Во смесата додадете исцеден сок од портокал, рендана кора и 125 мл млеко и матете додека смесата да нарасне.

Брашното со прашокот за печиво просејте ги, па во смесата наизменично додавајте малку по малку од брашното, оревите и снегот. Мешајте полека со лажица, најдобро со онаа што има дупка во центарот, се додека состојките да се соединат во еднолична смеса.

Рерната вклучете ја на 180 степени. Плех со димензии 35х21 см (или приближно на оваа величина) намастете го со путер. Смесата излејте ја во калапот, израмнете и печете 25 минути. Проверете со чепкалка дали е готов.

Додека се пече колачот, исцедете сок од еден портокал (ако не е сочен, може да исцедите до три портокали), додадете шеќер и рендана кора од еден портокал. Промешајте исклучиво со жица.

Врелиот печен колач прелијте го со глазурата и оставете го уште 10-тина минути во изгасена рерна додека го впие целиот сок, а површината да стане глазирана. Кога ќе излади, сечете на коцки.

Во колачот може да ставите и повеќе ореви доколку сакате, а во преливот може да додадете и две лажици мед. Одозгора доколку сакате може да го прелиете колачот со чоколадна глазура, но само како декорација, зошто вкусот му е предобар.