Рецептот го објави нашата драга читателка Елица Павлоска во групата НМД рецепти. За ова вкусно јадење кое не издржавме и веднаш го испробавме, можеме да кажеме дека добива чиста десетка и спаѓа во оние јадења – “да си ги излижеш прстите”. Ви благодариме драга Елица!
Фото и рецепт: Елица Павлоска
Потребни состојки: околу 300 г мелено месо (јунешко или по избор), 1 главица кромид, 100 г ориз, 2 лажици сечкан магдонос, 3-4 лажици лебни трошки или парче леб претходно натопено во млеко, 1-2 јајца, црн пипер, сол и зачини по вкус. масло за пржење
Зеленчук за во тавата: кромид, модар патлиџан, моркови, домат, пиперки, целер, компир
Постапка: оваа постапка за правење на ќофтињата е само предлог, вие можете да ги приготвите според вашиот вообичаен начин.
Кромидот ситно исечкајте го, па пропржете го на малку маслиново масло додека да застакли, па додајте половина од меленото месо. Посолете и запиперете, па заедно пропржете уште малку додека месото да ја смени бојата. Тргнете на страна да излади.
Сварете го оризот и сосем малку посолете го.
Во длабок сад додајте го остатокот од меленото месо, изладениот ориз, смесата од месо и кромид, лебните трошки или парче леб, претходно натопено во млеко и исцедено, сечкан магдонос, сол, црн пипер и зачини како кумин или нешто по ваш вкус.
Измесете ја смесата додека убаво да се поврзе. Оставете ја на ладно за да се стегне, па дури може и малку во замрзнувач ако немате многу време.
Формирајте ги ќофтињата и запржете ги во умерено загреано масло. Претходно можете малку да ги валкате во брашно (или брашно-матено јајце-брашно), но пред да ги спуштате во маслото истресете ги нежно од вишокот брашно за да не ви гори маслото.
Зеленчукот за тавата се мие и се сече на крупни парчиња. Во тава се запржува малку кромидот, се додава морковот, модриот патлиџан, пиперки, домат, целер и компир, па се зачинува со црвен пипер. Се динста кратко време, па се полева со вода колку да биде покриен зарзаватот.
На крај се додаваат ќофтињата, се покрива со фолија и на тивок оган се пече во рерна околу два часа. Температурата се регулира според вашата рерна. Пред крај се вади фолијата и се допекува уште 10-тина минути.
Фото и рецепт: Елица Павлоска