Фото и рецепт: Гордана Марковиќ
Потребни состојки:
500 мл млака вода
1 свеж квасец (40 г)
½ лажичка шеќер
2 лажици брашно
500 г брашно тип 400 наменско
2 лажички сол
100 мл масло
Постапка:
Во половина литар млака вода додадете половина лажичка шеќер, две лажици брашно и издробениот квасец. Промешајте убаво да се растопи и оставете да се активира.
Брашното просејте го, па додадете сол, масло и активираниот квасец. Замесете го тестото и префрлете го на работна површина. Веднаш на кујнската вага мерете парчиња од тестото по 75 грама за кифли, а за ѓеврек две парчиња по 50 грама. Секое парче формирајте го во топче и оставете го 15-тина минути да одмори.
Тестото за кифли се развлекува што потенко и со помош на дланката се свиткува во кифла.
Тестото за ѓевреците со двете раце се развлекува во што подолг ваљак и по два такви ваљаци се преплетуваат и им се спојуваат краевите за да се добие круг.
Кифлите и ѓевреците се редат во намастен плех, одозгора се премачкуваат со јајце и се наросуваат со сусам. Се оставаат да отстојат 30 минути па се печат во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат, околу 20 минути. Печеното печиво се прска со малку вода.
Пекарски кифли и ѓевреци (Фото и рецепт: Гордана Марковиќ)