Кога немате идеја што ново да приготвите со мелено месо и кога мислите дека сите можни идеи се исцрпени – секогаш има ново изненадување. Сосот приготвен од кромид заедно со плескавиците прават едно совршено јадење.

Потребни состојки:

500 г мелено месо
1 помала главица кромид
1 јајце
5 лажици презла (или трошки од леб)
½ лажичка лук во прав
½ лажичка црн пипер
1 лажица сув зачин (вегета)

И уште:

2 лажици брашно
1 коцка за супа (говедска)
1 голема главица кромид
50 мл масло
500 мл вода за коцката, а ако е густо дотурете уште малку вода

Постапка:

Кромидот изрендајте го или исечкајте го многу ситно, додадете јајце, зачини, презла и мелено месо, па измесете убаво со раце.

Загрејте во тавче околу 2 лажици масло на умерена температура.

Додека маслото се загрева обликувајте топчиња од месото и редете ги врз намастена проѕирна фолија (или расечете кеса така да ги добиете долната и горната страна. Секое топче ставете го врз кесата, намастете го малку со масло, поклопете го со вториот дел од кесата и одозгора притиснете со плитка чинија.

Малку обликувајте ги ивиците со раце па пржете од двете страни на загреано масло, на умерен оган. Пржете на малку масло. Пржените плескавици редете ги во чинија, па кога ќе завршите, во истото масло пропржете ја крупно исечената главица кромид додека да добиекафеава боја, но внимавајте да не ви загори.

Една коцка за супа растворете во 500 мл врела вода, па кога кромидот ќе се испржи додадете брашно, промешајте. Ќе биде густо, па додадете го остатокот од маслото (од оние 50 мл од кои одзедовте две лажици за пржењето). Мешајте малку па налејте ја растопената коцка и продолжете со мешање и намалете ја температурата. Доколку е прегусто додадете уште малку вода, треба да добие густина на јогурт (најгусто).

Додадете ги плескавиците одозгора и поклопете, па оставете заедно да извријат уште пет минути, па исклучете го огнот. Оставете така на рингла да крчка уште 10 минути. Може да послужите со ориз.