Работела од 14 години и сама одгледала 5 деца: Денес 82-годишна пензионерка во Германија живее со само 350 евра месечно
Иако Германија често се смета за симбол на стабилен животен стандард и сигурни пензии, приказната на 82-годишната Криста Цимерер од Минхен покажува дека реалноста за многу пензионери е далеку посурова.
Според германскиот портал tz.de, приказната е автентична и веќе предизвика големо внимание во германската јавност.

Криста живее во Минхен – град кој важи за еден од најскапите во Германија.
Иако добива околу 1.300 евра пензија и дополнителни 330 евра станбен додаток, по плаќањето на киријата, здравственото осигурување и основните сметки, ѝ остануваат само околу 350 евра месечно за храна, лекови и секојдневни потреби.
Нејзиниот живот не бил лесен уште од самиот почеток. Почнала да работи на само 14 години, а подоцна останала вдовица и сама ги одгледала своите пет деца. И покрај тешкотиите, никогаш не сакала да зависи од социјална помош.
„Порано повеќе сакав да работам две работи отколку да одам во социјално“, изјавила Криста за германските медиуми, додавајќи: „Некаде човек мора да ја има својата чест“.
Токму оваа нејзина реченица стана симбол на генерацијата која цел живот работела, а денес се соочува со финансиска несигурност.
Штедење на секој чекор
Криста денес купува само најевтини производи, готви дома и редовно посетува Центар за стари лица каде што може да добие поевтин оброк.
Иако живее скромно, таа и понатаму останува активна – учествува во активности, посетува часови и дури држи предавања за готвење, бидејќи по професија била мајстор-готвач.
Нејзината приказна отвори поширока дебата во Германија за растечката сиромаштија кај пензионерите.
Експертите предупредуваат дека високите трошоци за живот, особено во градови како Минхен, Франкфурт и Хамбург, сè почесто ги туркаат повозрасните луѓе кон финансиски проблеми, иако работеле со децении.
Зошто пензионерите во Германија сè потешко живеат?
Во последните години, цените на кириите, храната, струјата и здравствените услуги значително пораснаа.
Истовремено, многу пензионери – особено жени кои работеле со прекини поради грижа за деца – денес имаат значително пониски примања.
Според германските медиуми, сè повеќе постари лица бараат дополнителна помош, користат народни кујни или работат и по пензионирањето за да ги покријат основните трошоци. Темата стана едно од главните социјални прашања во земјата.
Приказната на Криста Цимерер не е само лична исповед, туку и потсетник дека финансиската сигурност во староста денес станува предизвик дури и во најразвиените европски држави.





































