„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – март 2019 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – март, продажбите достигнуваат 2.101.073.373 денари, што е за 14% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 422.772.099 денари, бележи зголемување од околу 16%, единечната нето добивка изнесува 247.475.979 денари и истата е зголемена за 15%.
Во периодот јануари – март, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 2.833.475.867 денари, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 2%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23%. Од вкупните консолидирани продажби, 32% се остварени на домашен пазар, додека 68% се остварени на странски пазари.
Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 31%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 10%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 24% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 81.096.751 денари што е 4,8 пати повеќе од лани, потоа во Грузија со продажби од 9.428.863 денари што претставува зголемување од 2 пати и Полска со продажби од 19.183.607 денари што претставува раст од 72% споредено со истиот период од минатата година.
Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Унгарија раст од 63%, Русија раст од 58%, Украина раст од 57%, Бугарија раст од 49%, Германија раст од 42%, Ерменија раст од 36%, Словенија раст од 22%, Романија раст од 19%, САД раст од 14% итн. Повисокиот раст на продажбите во првиот квартал од 2019 година делумно се должи на задолжителната серијализација на производи за пазарите од ЕУ која започна на 09.02.2019 година.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 88%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 20%, Кардиолошките препарати со 17%, Антибиотиците со 19%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 12% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 2%, Козметика со 7% и Билкарство учествува со 3%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 490.980.742 денари бележи раст од 19%, додека нето консолидираната добивка во износ од 294.542.101 денари е зголемена исто така за 19%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2019 година изнесуваат 193.866.065 денари.
Во периодот јануари – март 2019 година во Алкалоид се реализирани 55 нови вработувања во Република Северна Македонија.
Со Одлука на Управен одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2019 година, одобрен е и исплатен, регрес за користење на годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето.