Многу вкусни, прави пирошки!
Потребни состојки: 1 кг бело меко брашно, 300 м густ јогурт, 50 мл масло, 350 мл млако млеко, 2 цели јајца + 1 жолчка, 40 г свеж квасец, 2 лажици шеќер и 1 лажица сол
За фил: 300 г сирење и 1 белка
Постапка: Во млако млеко растопете го квасецот, додадете шеќер, сол, масло и разматени јајца.
Брашното просејте го и во средината направете вдлабнатина, па додадете јогурт (замлачен или на собна температура), па полека додавајте го млекото и замесете тесто.
Тестото покријте го и ставете го во фрижидер да одмори најмалку еден час, а може и повеќе. Ова тесто може да стои со часови и денови, бидејќи постапката е иста како за „лудо тесто“, тоа убаво ќе порасне и во фрижидер.
Кога сакате да правите пирошки, само откинете од него колку што ви е потребно и без премесување развлечете кора со дебелина од 1 см, сечете на квадрати, премачкајте ги малку со вода и филувајте ги со сирење помешано со белка.
Пирошките затворете ги а краевите притиснете ги малку су прстите за да не излегува филот.
Овие пирошки се пржат во длабоко масло околу 3-4 минути, се вадат и се редат врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Тие се крцкави однадвор а меки одвнатре.
Послужете ги со јогурт, кисела павлака, млеко…