Нејзините руси локни се секогаш на своето место, без разлика дали надвор има сонце, дожд или снег. Беспрекорна линија како да е некој фитнес тренер, сјајни нокти, негувана… Таа е мајка на три деца и сè постигнува, работа, рекреативни активности, тренинзи, секогаш е насмеана, згодна и дотерана… ! И поради неа се искомплексирав…
Имам едно дете, некако ги покривам активностите на детето, но одам дотерана на работа, која инаку е многу напорна, но, без шминка. И, се разбира, речиси немам време за себе.
И уште нешто! Таа личи на авион, вистинска „бомба“ е, а јас… сенка на тоа што бев. Не е дека немам самодоверба, само имам вишок килограми, една десетка што не можам да ја изгубам со години. Нема место за тесни фустани и панталони како кога бев девојка.
Таа, мојата сосетка е секогаш насмеана и полна со самодоверба. Кога ќе помине, секогаш мириса убаво. Мислам дека никогаш не сум ја видела да го извади ѓубрето или да оди на пазар, а не сме се сретнале ниту во маалската продавница. Или не дај боже, без шминка, секогаш е барем дискретно нашминкана.
Еднаш ја сретнав дотерана и намирисана, а јас се враќав натоварена од пазар. Не смрдев, далеку од тоа, но немав ставено парфем. Се поздравивме и и реков дека брзам да ја исчистам куќата, а таа ми рече дека оди на тренинг па на масажа.
Кога ми го кажа тоа, некако почувствував како да ми зовре главата. Не дека таа ќе оди на масажа, туку дека јас не одам и нема да одам. И така продолжија моите фрустрации.
Ги знаете оние женски совети, сè може да се постигне ако добро се организирате, ако немате време за себе, нема да бидете добри ниту за вашата околина, особено не за децата, среќната жена е успешна жена, блаблабла… кога ќе стигнам? Eпа, ќе ја прашам, таа моја сосетка, којзнае, можеби како жена на жена ќе ми даде добар совет!
Една сабота, после нејзиниот тренинг и масажа, ја прифатив нејзината покана да појдам кај неа на кафе.
И сега ќе направам нешто грозно, ќе бидам една од оние озборувачките, бидејќи ќе ви раскажам што видов кај неа. Знам дека не е убаво, жената најљубезно ме покани на гости, но тука делумно се крие одговорот на моите дилеми и лошата организација.
Куќата се забележува дека е во хаос уште од вратата штом се отвори, расфрлани чевли од сите возрасти и сите временски сезони, во дневната соба куп весници на масата, во кујната сите садови од појадокот валкани и оставени на шанкот, шпоретот ко никогаш да не бил исчистен…епа, тоа е „окото“ на жена што редовно ја чисти куќата! Затоа веднаш ги забележав сите тие работи.
А таа? Увото ја боли за сето тоа. Ја собра со двете раце облеката од преполнетото столче во трпезаријата и на куп ја однесе во една од детските соби и ми понуди да седнам.
Од собите се слушаше детски плач, а да не ви кажувам каква врева се слушаше! А таа си беше насмеана. Разговаравме, и од неа дознав за новите трендови во шминкањето за оваа сезона, која маска да ја ставам за сува кожа… беше пријатен муабетот, толку тотално женски.
Во тој момент доаѓа нејзиното трето, петгодишно дете, босо и целото размачкано со чоколадо. Јас би потрчала да го избришам, да му ги облечам чорапите, а таа? Не, таа го игнорираше сето тоа и само му се насмеа.
Ауу, каква релаксација! Да ми беше куќата таква, подот да беше покриен со урнатини, па јас ќе бев на работ на нервен слом. Да не зборуваме за детската неуредност, да не речам збеcнатост.
Ја прашав кога има време да чисти и пегла, и веднаш само што го изговорив тоа ми дојде да си го гризнам јазикот, оти испадна дека намерно ја прашувам за хаосот… како и да е, таа само замавна со раката. Има жена која и доаѓа двапати месечно, а во меѓувреме пегла кој иде и сака!
Готвење? Тоа го прави нејзината мајка, свекрвата, понекогаш таа, а сета среќа во близина имало жена која готвела домашни јадења и цело маало порачувало од кај неа. Плаќате за оброкот и го носите дома.
Правилна исхрана на децата, оброци во вистинско време, витамини, минерали… не се тресе многу околу овие работи. Само погледнете ја нејзината прекрасна насмевка и задоволство! Од друга страна, кај што седам јас, некоја чудна аура! Ми се вртеше во главата.
Бев тотално збунета и некако поразена! Очекував дека е жена-змеј и дека ќе ми даде чудесен рецепт за успех на сите полиња. Кога тоа… нема посебни организации, таа жена само си поставува различни приоритети!
А потоа целосно „забивање“! Нејзиниот сопруг се појави од никаде, и како на филм, едноставно знаев дека овој маж е луд по својата жена. Ја гушна, и даде неколку комплименти, не ги забележа нередот, прашината, трошките… само нејзините сјајни локни и очи…
Добро, доволно виде, може и да си одиш дома, си велам јас. Кога ја затворив вратата од мојот дом, седнав. Околу мене од собата се слушаше само детска песна.
Нема трошки, прашина, за цела недела купив овошје и зеленчук, ќе готвам три дена однапред, ќе ги испеглам алиштата, ќе се прошетам со моите… оти тоа сум јас. Доцна ми е да се менувам толку многу.
Не би можела да живеам како неа во трошки и неред, нема локни или шминка што би го покриле моето задоволство ако куќата изгледа како контејнер. Но, решив нешто друго! Ќе ги намалам сите обврски да ми одземаат пократко време, а ќе оставам некое катче за себе. И од понеделник одам на работа со шминка, не само уредно.
Мојот сопруг ме прегрнува и без чврчорење…Не мора да му трепкам со очите…