Колачот наречен „лажна баклава“ ги освои сите домаќинки со својот неодолив вкус на баклава. Без кори, овој колач се подготвува многу лесно и едноставно. Наместо кори се подготвува основна смеса, збогатена со ореви, а потоа се прелива со сируп кој дава неодолива сочност. На крајот, се прелива со чоколадна глазура.
Буквално секое парче се топи во уста бидејќи целата е залиена во сирупот. Во основната смеса може да се стави ореви или мак, на кој како му е повкусно. Според рецептот на каналот „Мој Кутак“ оваа „лажна баклава“ се подготвува со мелени ореви. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВНАТА СМЕСА: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 5 лажици брашно, 5 лажици пченичен гриз, 1 прашок за печиво, 10 лажици мелени ореви.
ПОСТАПКА ЗА ОСНОВАТА: Јајцата се оставаат да отстојат на собна температура, минимум 1 час пред подготовка на колачот. Во еден подлабок сад скршете 5 јајца и разматете ги со жица или маталка. Додајте 5 лажици шеќер и енергично измешајте до соединување на смесата, додека шеќерот малку да се растопи.
Додајте 5 лажици брашно, 5 лажици гриз, 1 прашок за печиво и повторно соединете во еднолична смеса со густа конзистентност. Смесата ќе ви се чини малку леплива и тешко растеглива при подигање на лажицата, но таква треба да биде.
Измешајте ги состојките додека да се соединат, па на крајот додајте ги мелените ореви. Соединете во хомогена смеса. Содржината треба да уште погуста. Оставете да отстои 10-тина минути на собна температура, додека рерната се загрева на 150 степени.
Подгответе си правоаголен плех со димензии 31х21 см или слична големина и намастете го обилно со путер или маргарин на дното и од страните на плехот. Дополнително, наросете и брашно за колачот да не се лепи. Излејте ја смесата во плехот, израмнете и протресете го калапот од рамна површина за да излезат вишокот гасови на дното.
Кога рерната ќе се загрее ставете го колачот да се пече на приближно 20-тина минути, но во секој случај проверете со чепкалка. По печењето, оставете ја основата целосно да се олади, а во меѓувреме подгответе го шербетниот сируп.
ЗА СИРУП (ЗАЛИВАЊЕ) ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 500 г шеќер, 500 мл вода, 1 лимон. ПОСТАПКА: Во едно помало тенџере сипете половина литар вода и додајте исто толку шеќер (кој сака може и помалку, на пр. 300-400 г). Промешајте, па ставете го тенџерето на оган да зоврие.
По првиот клуч, оставете сирупот да врие околу 5 минути, со повремено промешување. Исечкајте 1 лимон на тенки кругови. Ставете ги лимоните во сирупот и оставете да вари уште 5-10 минути на тивок оган.
Прелијте го врелиот сируп врз оладениот бисквитот сосе лимоните. Оставете го сирупот целосно да се впие во бисквитот, колку време и да е потребно. Повремено избоцкајте ја основата за сирупот полесно да пробие во внатрешноста.
ЗА ЧОКОЛАДНА ГЛАЗУРА: 60 г путер, 60 мл млеко, 100 г чоколадо за готвење, 3 лажици шеќер. ПОСТАПКА: Во помало тенџере ставете 60 г путер исечкан на коцки, прелијте со 60 мл млеко, додајте 100 г чоколадо на коцки и 3 лажици шеќер (опционално).
Растопете сѐ на тивок оган, па прелијте ја глазурата врз основата (сирупот мора да биде впиен). Почекајте малку да се олади и оставете го да отстои неколку часа на собна температура пред послужување. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.