Доколку ги сакате овој тип на колачи наречени „шербетни“, како што е познатата „раванија“, тогаш сигурно ќе уживате во нашиот избор на рецепти. Првиот колач се приготвува со лешници, а вториот со бадеми, но секако, можете да ги направите и со ореви. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 10 лажици шеќер, 10 лажици масло, 10 лажици млеко, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 10 лажици мелени лешници, 10 лажици брашно. ЗА СИРУП: 400 г шеќер, 300 мл вода. И уште: сечкани лешници за декорација
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 3 лажици шеќер, 1 чаша (200 мл) масло, 1 чаша јогурт, 3 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 чаша гриз, 1/2 лажичка сода бикарбона, 3 лажици мелени бадеми. За сируп:3 чаши вода, 2 чаши шеќер, 3-4 капки лимонов сок
ПОСТАПКА за рецепт 1: Пригответе го сирупот за да има време да се олади. Помешајте го шеќерот со водата и оставете да зоврие. Штом зоврие намалете ја температурата и оставете да врие уште 10 минути.
Јајцата пенасто изматете ги со миксер, па започнете постепено да го додавате шеќерот. Матете непрекинато додека шеќерот да се растопи, а смесата да згусне како крем и да осветли.
Потоа, додека матите додајте го постепено маслото, па млекото, па додајте го брашното помешано со кесичка прашок за печиво и на крај мелените лешници. Сувите состојки матетет ги со помала брзина или најдобро со лажица или шпатула за да остане смесата повоздушеста.
Сипете ја во претходно подготвен плех со средна големина (намастен и набрашнет или обложен со хартија за печење), распоредете рамномерно и печете 20-тина минути во загреана рерна на 220 степени. Печениот колач залијте го со оладениот сируп, а одозгора наросете го со сечкани лешници. Рецепт на Дијана Поповиќ. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: најпрво пригответе го сирупот. Сипете ги шеќерот и водата во тенџере и мешајте додека да зоврие. Потоа намалете го огнот и оставете да се вари уште 10 минути. На крај додајте малку лимонов сок и тргнете го настрана да се лади.
Во длабок сад добро изматете ги јајцата со шеќерот. Потоа додајте масло и јогурт. Измиксајте, па една шо една додајте ги сите суви состојки. Плех или калап со приближни димензии на 25х30 см намастете го со масло на дното и страните, па излејте ја смесата и израмнете.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 175 степени додека малку да зарумени одозгора. Проверете со чепкалка дали е добро испечено. Извадете го колачот од рерна и оставете да отстои 5 минути.
Исечете го по желба, а потоа со лажица залијте го полека со оладениот сируп. Оставете да се олади на собна температура и да го впие сирупот, а потоа изладете го во фрижидер 4-5 часа. одозгора можете да го наросите со малку кокос или топка сладолед од ванила. Рецепт на Амела Бозгурт.