Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека дебелината од 80-тите години на минатиот век во земјите од ЕУ, но и во Македонија, трикратно се зголемила, а особено загрижува фактот што 75 отсто од заболените од прекумерна тежина не се свесни за својот проблем, додека секој петти не презема никакви мерки за лекување.
Борче Макаловски од Прилеп како резултат на ендокринолошко нарушување по преживеан стрес се здобил со сериозни здравствени проблеми дијабетес, холестерол и срцеви проблеми. Од нормален човек со активен начин на живот, тој станал непрепознатлив со психички проблем и енормна тежина.
Со цел да се избори со својата состојба и да го врати повторно животот во свои раце, тој се обратил во Клиника Жан Митрев каде под надзор на интердисциплинарен тим составен од ендокринолози, психолози, интернисти и физиотерапевти ја започнал својата битка за подобро здравје.
„Тежината од над 290 килограми сериозно му ја отежнуваше состојбата и севкупното живеење од психолошки аспект, но и од аспект на движење и оптовареност на срцето, кои му предизвикале и други дополнителни проблеми“, известуваат од клиниката, каде за 20 дена тој успеа да ослабе 40 кг.
Александра Тодоровска од Скопје речиси неподвижна во последните 2 години, како резултат на својата тежина, исто така, се обратила во Клиника Жан Митрев за лекување на оваа состојба и сите останати коморбидитети предизвикани од истата.
Како што известуваат од клиниката, и двајцата биле ставени на индивидуализирани програми по мерка со цел да им се помогне. Благодарение на истрајноста на Борче и Александра, секако со помош и под континуиран надзор од тимот лекари, психолози и физиотерапевти, кај двајцата веќе се видливи резултатите.
Тие по еден месец престој во болницата не се веќе во инвалидски колички туку се движат сами, среќни и расположени за шансата за втор живот, се вели во прилогот. Емисијата погледнете ја ОВДЕ.