Долго го барав овој рецепт и баш ми е жал што не го знаев порано. Домашните и јас ги обожаваме тиквичките, а ќофтињата најмногу. Сум испробала многу рецепти за ќофтиња со тиквички, но секогаш се навраќам на овој. Се користат евтини состојки, а сепак се добива вкусно и обилно јадење.
Тиквичките се комбинираат со компири, па можеби токму во тоа е тајната за нивниот извонреден вкус. Ако имате дома тиквички, компир, морков и јајца, не пропуштајте го овој рецепт и направете ги овие брзи и вкусни ќофтиња. Гответе и насладувајте се со задоволство. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 тиквички (помали), 1 голем морков или 2 средни, 1 голем компир, 2 јајца, лебни трошки за валање, 100 г рендан кашкавал, 3 чешниња лук, сол, мелен црн пипер, маслиново или друго растително масло за пржење
ПОСТАПКА: Тиквичките добро измијте ги и отсечете им ги краевите, а потоа изрендајте ги на крупната страна од рендето. Посолете ги со прстофат сол. Потоа изрендајте го морковот, додајте го во тиквичките, па повторно посолете со прстофат сол.
Најпосле изрендајте го компирот, па него додајте го во садот со тиквичките и посолете го. Добро измешајте го ренданиот зеленчук и оставете го настрана да отстои 15 минути додека да го испушти сокот од себе.
За тоа време изрендајте 100 г парче кашкавал, па додајте рендани 3-4 чешниња лук. Промешајте ги кашкавалот и лукот. По изминатото време, од зеленчукот со раце исцедете го сокот, па ставете го во подлабок сад.
Додајте две изматени јајца, кашкавалот со лукчето и зачинете по вкус. Добро промешајте за да се изедначи смесата. Нема потреба да додавате брашно ако убаво сте го истискале зеленчукот, зашто смесата е компактна и лесно се обликува.
Црпете со лажица и обликувајте ќофтиња со големина по ваша желба. Редете ги врз рамна површина (или врз парче хартија за печење). Кога ќе завршите со целата смеса, во една чинија сипете лебни трошки (бели по можност), па секое ќофте валајте го од сите страни.
Вака приготвените ќофтиња можете да ги пржите или да ги печете во рерна. Ние најчесто ги пржиме во малку масло загреано на умерена температура, додека да заруменат од двете страни.
Ако ги печете во рерна, загрејте ја на 220 степени и печете ги врз намастена хартија и секое ќофте испрскајте го одозгора со неколку капки масло. Видеопрезентацијата со деталите од постапката можете да ја погледнете ОВДЕ.