Сладоледот е најдобриот освежителен десерт во летниот период. Може да го направите домашен со најразлични вкусови, од овошни, до чоколадни, карамела.. На сите ни е позната класичната подготовка на сладолед со јајца, крем за готвење, а некои се подготвуваат со кондензирано млеко. За овој сладолед не ви се потребни јајца, ниту кондензирано млеко.
„Oвој рецепт сум го запишала како „Брз сладолед во шише“. Рецептот го имам одамна, но не ми текнува од каде го имам препишано. Решив повторно да го евоцирам вкусот на овој сладолед, кој порано многу често го подготвував. Се прави од 4 состојки, без јајца, без миксер и сѐ е готово за 1 минута“. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 лажичка инстант кафе, 1 лажица вода, 250 мл шлаг (крем за готвење), 30 г шеќер. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 500 мл слатка павлака, 500 г кисела павлака, 150 г шеќер, 150 г чоколадо, 10 петит бисквити или по желба, малку дробени лешници, ореви, бадеми или по желба.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Подгответе си едно помало пластично шише каде што се соединуваат состојките. Во еден помал сад ставете 1 лажица инстант кафе (најдобро нескафе) и додајте 1-2 лажици топла вода. Промешајте додека кафето да се раствори во водата. Кремот за готвење не треба да се микса претходно.
Во шишето излејте го кремот за готвење, додајте 30 г шеќер и потоа излејте го кафето. Затворете го шишето добро и започнете да го тресете додека се добро да се соедини и кремот за готвење да се згусне. Доколку ви е полесно, може сѐ да соедините под миксер, како што ви одговара повеќе, овој начин на подготовка е полесен бидејќи не треба да валкате многу садови.
Кога кремот ќе се згусне, ставете го сладоледот во замрзнувач најмалку 30 минути. Сладоледот е подготвен за јадење кога ќе се протресе шишето и нема да се слушне течност. Сладоледот може веднаш да се послужи и е многу вкусен. Не содржи многу шеќер, но доколку сакате поблага варијанта може да користите слатка павлака за готвење и да го изоставите шеќерот.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Изматете ја слатката павлака во цврст шлаг. Додајте ја киселата павлака и шеќерот, па добро измиксајте додека да се изедначи во еднолична смеса. Чоколадото растопете го на пареа. Во еден сад или калап/куглоф ставете 1/3 од смесата, па наросете половина од мелените бисквити, лешници, ореви, бадеми..
Може да користите и само еден вид на јаткасто овошје или нешто што е по ваш вкус. Потоа полијте половина од растопеното чоколадо. Повторно нанесете смеса од шлаг и павлака, па повторете ја постапката со мелените бисквити и јаткастото овошје. Полијте со чоколадото.
Нанесете ја и последната третина од шлагот, па целиот колач оставете го преку ноќ во фрижидер за длабоко, добро да се замрзне. Пред послужување извадете ја 15-тина минути за да се отпушти и да може да се сече. Колачот-сладолед можете да го послужите со чоколаден прелив или со прелив од вишни, по ваш избор. Деталите за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ.