За ручек пригответе најдобри ќебап-плескавици. Секоја домаќинка си има некој свој рецепт за смеса од мелено месо со кое приготвува ќофтиња, плескавици или ќебапи, а сега испробајте го овој нов рецепт за ќебап-плескавици.

Некои во смесата додаваат лебни трошки (презла), некои користат сварен или сиров рендан компир, или пак снегулки од дехидриран компир за пире, а ние денес ви предлагаме да го испробате овој совршен турски рецепт.

Во меленото месо додајте зачини и зеленчук кои заедно ќе дадат еден совршен и неодолив вкус. Во овој рецепт многу е важно приготвената смеса да ја оставите во фрижидер најмалку половина час за да можат сите состојки да се соединат и впијат во месото.

Втората важна работа која треба да ја направите е при обликувањето на плескавиците со прстите да направите вдлабнувања, по што всушност, се карактеризираат овие ќебап-плескавици. На тој начин тие стануваат уште посочни и повкусни и многу порамномерно ќе се испечат. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг мелено месо (по ваш избор и вкус), 1 рака ситно сечкан свеж магдонос (1 китка, само лист), 2 чешноња лук, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка црвена слатка пиперка во прав, 1 мала лажичка ким во прав, 1 мала лажичка „буковец“ или толчен црвен пипер, 1/2 лажичка црн пипер во прав, 1 главица кромид, 1/2 црвена пиперка (50 г)

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СОС 1: 1/2 чаша кисела павлака или цврст јогурт (120 г), 10 г свеж лист од коријандер (1/2 рака), 2-3 чешниња лук и 1 луто пиперче, мелен ким, сол и мелен црн пипер по вкус

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СОС 2: 3 супени лажици лута зачинска црвена пипер во прав 45 г (кајен, чили), 1 супена лажица „буковец“ толчен црвен пипер, 4 супени лажици оцет 9% (45 мл), 1 супена лажица маслиново масло и малку сол

ПОСТАПКА: Во подлабок сад истурете го месото, додајте ситно сечкан лист од свеж магдонос, рендани лукчиња или истиснати низ преса, како и сите наведени зачини. Месото можете да го зачините и по сопствен вкус.

Кромидот изрендајте го или сомелете го во блендер, а потоа ставете го врз цедалка и убаво истискајте го за да се отстрани сета течност од него. На ист начин постапете и со црвената пиперка: ситно исечкјате ја или сомелете ја, па исцедете го сокот од неа и додајте ја во месото.

Вака зачинетото мелено месо со мелен кромид и пиперка убаво измесете го со рака неколку минути, додека сите зачини рамномерно да се распоредат и да се појават конци од месото. Покријте го со фолија и капак и оставете го најмалку половина час да отстои во фрижидер.

За тоа време пригответе го првиот сос: во блендер ставете ги сите наведени состојки, зачините по вкус, а потоа сомелете до изедначување. Ако не сакате сосот да биде пикантно лут, тогаш ставете малку слатка пиперка или воопшто не ставајте. Сосот оставете го во фрижидер.

За вториот сос сите наведени состојки сипете ги во подлабок мал сад и убаво измешајте ги додека да се добие изедначена смеса. И овој сос оставете го во фрижидер да отстои додека ги приготвувате плескавиците и печениот зеленчук за прилог (3 долги пиперки, 1 главица кромид и 1 голем домат исечени на четвртини испечете ги во сува тава или во рерна).

Рацете натопете ги во вода и црпете од смесата. Обликувајте топче со дланките, потоа сплоснете го како плескавица, а потоа со прстите направете ребрести вдлабнувања. Пржете ги во нелеплива тава малку намастена со масло и загреана на умерена температура.

Пржете ги од двете страни додека убаво да заруменат. Послужете ги топли, гарнирани со испечен зеленчук и вкусни сосови. Нека ви е на здравје! Видеопрезентацијата со целата постапка на приготвување можете да ја погледнете ОВДЕ.