Одамна не сум направила нешто толку многу вкусно, притоа и декоративно, а олку пофалби не памтам кога последен пат сум добила. Не знам како порано не сум се сетила на овој ручек 1 во 3, без премногу труд се добива јадење за десетка. Се надевам дека и вие ќе бидете задоволни, вели Валентина. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто: 700 г брашно, 1 коцка свеж квасец (30-40 г), 1 јајце, 1.5 мала лажичка сол, 1 мала лажичка шеќер, 100 мл растително масло, 300 мл вода. И уште 150 г путер или маргарин за премачкување на тестото
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за фил: 2-3 китки млади кромитиња со зелени перца (или праз), 400-500 г блитва или спанаќ, 300 г сирење, 250 г моцарела (или кашкавал за пици сечен на ленти или рендан), 1 јајце за премачкување
ПОСТАПКА: Во подлабок сад просејте го брашното, по краевите наросете сол, а во средината направете вдлабнување и тука додајте шеќер и изронете го квасецот. Сипете 100 мл растително масло, скршете едно јајце претходно отстојано на собна температура, па со постепено додавање на млака вода (или на собна Т) замесете средно меко тесто.
Тестото месете го неколку минути додека да стане комапктно, да почне да се одвојува од ѕидовите на садот и да не се лепи на рака. Потоа истресете го на набрашнета работна површина и домесете го уште неколку минути за да добие на еластичност. Потоа површината намастете ја со малку масло и уште малку доработете го за да се измазни.
Тестото поделете го на десет приближно еднакви делови и од секој дел обликувајте топче. Топчињата оставете ги на намастена површина, покријте ги со кеса или стреч фолија и оставете ги да одморат 10-15 минути. За тоа време пригответе го филот. На малку масло потпржете го ситно сечканиот кромид, па додајте ја сечканата блитва и динстајте додека да омекне.
Додека се лади филот, започнете со подготвка на тестото. Секое од топчињата сплескајте ги со дланката како лепињи, а одозгора премачкувајте ги со омекнат путер или маргарин. Редете ги една врз друга во два купа, во едниот шест, а во другиот четири кори, но последната која е најгоре не ја премачкувајте.
Поголемиот куп ставете го врз набрашнета работна површина, наросете го одозгора со малку брашно, па развлечете го со помош на оклагија со големина на плехот во кој ќе ја печете питата. Потоа кората внимателно префрлете ја во претходно подготвениот плех, намастен и обложен со хартија за печење.
Во динстаната блитва со кромид додајте го ситното сирење, промешајте, па целиот фил рамномерно распоредете го врз кората. Одозгора наредете тенки листови моцарела или кашкавал по ваш избор. Тргнете го плехот настрана, па развлечете го второто, помало тесто. Кората исечете ја на ленти со широчина од 1-1.5 см.
Прво наредете ги лентите попречно на растојание од 1 см, па секоја втора лента подигнете ја и префрлете ја преку половината или до крајот, во меѓупросторите за да не се залепат ако се преклопуваат. Ставете хоризонтално лента, па вратете ги назад. Постапката се повторува за секоја следна лента за да се заврши плетењето.
Најдобро е постапката да ја погледнете во видеопрезентацијата која започнува од 6:30 минута, на линкот подолу во текстот. Вишокот од лентичките кои излегуваат надвор од плехот исечете ги, па направете „витка“ на крајот за да се „опшие“ питата. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.
Питата одозгора премачкајте ја со изматено јајце (или жолчка со една лажица млеко) и оставете ја да стасува 10-15 минути додека рерната убаво да се загрее. Потоа ставете ја да се пече приближно половина час додека убаво да зарумени. Оставете ја малку да подизлади, па послужете ја. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.