Се наближува најголемиот христијански празник, Велигден, а домаќинките се подготвуваат за големата гозба и планираат што да се послужи на трпезата. Како предјадење, салатите се секогаш омилена и најлесна опција. Може да ја направите вашата омилена салата и да ја послужите со велигденската погача, која е симбол на здравје и среќа.




Има многу рецепти за велигденски салати, а ние ќе ви ги претставиме најдобрите. Речиси на сите ни е познато дека после Велигден, домаќинките ја подготвуваат познатата „Мимоза“ од преостанатите варени јајца, така што денес ќе го прескокнеме овој рецепт и ќе се посветиме на останатите салати кои се многу кремасти и вкусни. Еве што ви е потребно:

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 3 тврдо варени јајца, 1/4 шолја кромид, 1/2 шолја домати, 1/4 шолја зелена пиперка, 1/2 шолја краставица, 1/2 шолја марула, 3 лажици мајонез (може да го измешате со сенф или павлака), сол, црн пипер, 1/2 лажица шеќер.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 4 средни компири, 2 средни моркови, 4 јајца, 6 кисели краставички, 2 помали јаболка, 2 лажици густ јогурт, 5 лажици мајонез, 1 лажица сенф, свежа мирудија, сол и црн пипер по вкус.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ТРЕТ РЕЦЕПТ): 4 јајца, 2 поголеми компири, 80 г боранија, 400 г мајонез (или 60/40 мајонез/кисело млеко), сок од еден лимон, 3-4 млади кромитчиња, 3 лажици маслиново масло, сол и црн пипер по вкус, неколку црни маслинки.




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Количините за оваа салата се наменети за едно до две лица. Доколку подготвувате за повеќе лица, соодветно зголемете ги количините. Сѐ што треба да направите е да ги сварите јајцата тврдо (околу 8-10 минути), па да ги исечкате на коцки. Потоа, исечкајте ги сите останати состојки на ситни коцки (кромидот, доматите, зелената пиперка, краставицата и марулата).




Измешајте ги сите состојки во еден подлабок сад, па додајте го мајонезот, кој може да го збогатите со малку сенф или павлака. На крајот додајте 1 лажичка сол, 1/2 лажичка црн пипер и 1/2 лажичка шеќер. Соединете, па послужете ја салатата врз голем лист зелена салата, кој служи како декорација. Деталите погледнете ги ОВДЕ.

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Сварете ги компирите и морковите, а потоа исечкајте ги на коцки. Исечете ги и варените јајца, киселите краставички и јаболката. Ситно исечкајте половина китка свежа мирудија/копар. Во посебен сад измешајте јогурт, мајонез и сенф. Додајте ги состојките и промешајте додека рамномерно да се изедначат. Зачинете по вкус.

ВТОР РЕЦЕПТ




ПОСТАПКА ЗА ТРЕТИОТ РЕЦЕПТ: Компирот добро измијте го, боранијата исчистете ја, па заедно сварете ги колку да омекнат. Боранијата ситно исечкајте на залак-парчиња, посолете ја и зачинете ја со маслиново масло и сок од половина лимон. Компирот изрендајте го и зачинете го со втората половина од лимоновиот сок, сол и црн пипер.

ТРЕТ РЕЦЕПТ




Варените јајца излупете ги и исто така, изрендајте ги. Во декоративен сад за салати редете: слој боранија, слој компир, мајонез, јајца и повторувајте додека да се потрошат состојките. Украсете со рендани јајца, сечкан млад кромид и црни маслинки.