Не ја пропуштајте оваа велигденска погача која освен што е декоративна и убава на изглед, исто е многу вкусна, па освен за празници можете да си ја приготвувате за секој ден. Се подготвува многу лесно и едноставно, секој може да ја направи. Најчесто, за некои домаќинки, празничните погачи се комплицирани за подготовка, бидејќи бараат плетење на тестото, извртување и детално украсување.
Оваа погача изгледа многу декоративно, а не се прави ништо од горенаведеното, доволно е само да го замесите тестото и да обликувате неколку топчиња. Покрај тоа, оваа погача е полнета со многу вкусен фил и затоа е многу сочна. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700-750 г брашно, 30 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 50 мл масло, 1,5 лажички сол или по вкус, 300-350 мл вода, 150 г путер или маргарин за премачкување. ЗА ФИЛОТ: 400 г спанаќ, 400 г сирење. ЗА ПРЕЛИВ: 4-5 јајца, 200 мл млеко, 1 јајце за премачкување, сусам, лен.
ПОСТАПКА: Во една поголема чинија ставете околу 700 г брашно (а по потреба отпосле ќе додадете повеќе), додајте 1,5 лажичка сол, промешајте и на средина од брашното направете дупка каде што треба да го иситните квасецот. Во квасецот додајте 1 лажичка шеќер шеќер, а потоа прелијте со млака вода, околу 300 мл.
Квасецот не се чека да се активира, туку само добро се разматува за да се раствори заедно со шеќерот. Потоа постепено се нафрла од брашното од страните и се замесува тесто. Потребно е да замесите тесто со средна цврстина, кое не е премногу тврдо, ниту премногу меко. Постепено додавајте вода, доколку е потребно.
Кога тестото ќе згусне и ќе се оформи, префрлете го на работната површина ставете малку брашно и измесете го раце неколку минути, додека да престане да се лепи. Тестото веднаш станува компактно и не се лепи за раце. Формирано тесто веднаш обликувајте го во подебел валјак (не се чека да стасува).
Поделете го тестото на половина и од едната половина извадете уште три дела, со тежина отприлика околу 200 г. Тестата обликувајте ги во топчиња и ставете ги настрана да одморат на намастена маса. Останатата половина од тестото малку размесете ја, обликувајте ја во потенок валјак и од неа поделете 12 теста, оставајќи уште еден дел кој треба да биде поголем од овие 12 теста, а помал од претходните 3.
Издвоените 12 теста обликувајте ги во топчиња и ставете ги настрана да одморат од месењето. Истото направете го и со последното тесто. Додека го работите едното тесто, другите оставете ги намастени на страна. Работете прво со трите топчиња. Ставете едно од топчињата на набрашнета маса и со раце сплескајте го во кругче. Истото повторете го и со останатите.
Потоа, секое тесто премачкајте го обилно со растопен путер/маргарин и ставете ги трите едно врз друго. Последното тесто не го намастувајте. Подгответе си еден кружен калап за печење и обложете го со хартија за печење и малку намастете. Развлечете ги трите теста во големина на плехот за печење, па основата ставете ја и убаво раширете ја низ плехот. Тогаш премачкајте го последното тесто одозгора со растопен маргарин/путер.
Останатите 12 топчиња наредете ги врз основата во облик на часовник, а последното тесто со средна величина ставете го на средината од плехот. Кога ќе ги наредите топчињата, малку сплескајте ги со дланката. Во меѓувреме подгответе го филот. Спанаќот добро измијте го и исечкајте го, па со рака измешајте го и додајте 1 лажичка сол, за да спласне.
Во спанаќот додајте го сирењето (доколку е многу солено нема потреба од додавање на сол) и соединете во фил кој лесно се размачкува. Филот наредете го во празните простори помеѓу топчињата, никако врз нив. Премачкајте ги топчињата со 1 јајце или само со жолчката.
Подгответе го преливот така што ќе ги измешате јајцата и млекото. Филот полека налевајте го помеѓу филот, така што со лажица малку ќе правите простор додека го сипувате за да продре во вдлабнатините на погачата. Врз тестата наросете семки како сусам или лен. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени и печете ја погачата околу 30 минути. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.