Сигурна сум дека оваа тробојна пунч торта некому ќе му делува како некој современ десерт, сепак рецептот е многу стар. Иако целата е многу шарена, таа всушност се приготвува многу едноставно, а покрај тоа многу е декоративна. Често ја приготвувам за родендени и сите се воодушевени, како од изгледот, така и од вкусот. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит (состојки за еден, а потребни се три): 3 јајца, 3 супени лажици шеќер, 3 супени лажици брашно, 1 мала лажичка прашок за печиво (5 г). Се приготвуваа три вакви смеси за три бисквитни теста.

Во жолтиот бисквит додајте: 1 кесичка пудинг од ванила (40 г) и 1 кесичка бурбон ванилин шеќер (10 г). Во црвениот бисквит додајте: 1 кесичка пудинг од малина (40 г) и 1/2 мало шишенце екстракт од малина. Во кафеавиот бисквит додајте: 1 кесичка пудинг од чоколадо (40 г), 2 супени лажици какао и 1 кесичка ванилин шеќер (10 г)




ЗА ФИЛУВАЊЕ: Приближно 300 г џем од кајсии (или друг по ваш вкус). ЗА СИРУП: 500-600 г шеќер, 350 мл вода, сок и ситно рендана кора од 2 портокали, сок и ситно рендана кора од 2 лимони, 200 мл рум. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 60 мл вода, 70 г шеќер, шарени трошки за декорација




ПОСТАПКА: Пенасто изматете ги јајцата со миксер (2-3 минути), па постепено додајте го шеќерот и продолжете со матење додека да згусне смесата, уште 2-3 минути. Потоа додајте го брашното помешано со прашок за печиво и соединете во мазна еднолична смеса.




Постапката повторете ја трипати за три бисквитни теста. Потоа, во зависност од бојата: во жолтиот бисквит додајте го прашокот од пудингот со вкус на ванила и ванилиниот шеќер, во кафеавот какаото, пудингот од чоколадо и ванилиниот шеќер, а во црвениот додајте го пудингот од малини и екстрактот.




Тестата за корите излејте го во намастен и набрашнет плех бр.26 (или обложен со хартија) и печете ги едно по друго во истиот калап, во загреана рерна на 180 степени, 13 минути или според вашата рерна (најдобро е проверите со чепкалка).

Печените бисквити оставете ги да се оладат, а потоа исечете ги во концетрични кругови, како што е прикажано на фотографиите. Средниот круг/прстен е приближно 18 см, а најмалиот приближно 7.5 см.




ЗА СИРУП: Помешајте ги сите состојки освен румот и оставете сето да зоврие. Потоа процедете и оставете да се олади, па на крај додајте го румот. Треба да добиете приближно еден ипол литар сируп.

Врз десертна чинија ставете ја првата кора со шарени кругови, па ставете флексибилен обрач за торти. Бисквитот рамномерно прелијте го со приближно половина литар сируп, а потоа премачкјате врз целата површина половина од вкупниот џем.




Потоа ставете ја втората кора со шарени кругови, водејќи сметка, оној круг оздола да не е со иста боја. Повторете ја постапката, залијте половина литар сируп и премачкјате го остатокот од џемот. на крај поставете ја третата кора со шарени кругови, исто така водејќи сметка за боите, па залијте го остатокот од сирупот.




Тортата оставете ја да мирува преку цела ноќ во фрижидер. Следниот ден направете ја глазурата: измешајте ги наведените состојки и растопете ги на тивок оган или во микробранова печка. Оставете малку да подизлади, па прелијте ја преку тортата. Јас ја наросив со шарени трошки, а вие декорирајте ја по ваш вкус. Рецепт на Брокули / Сооlinarika.сом