Имам испробано многу рецепти за принцес крофни и еклери, но овој дефинитивно е најдобриот. Се разликува од класичниот рецепт и потребно е малку повеќе време поради воведување на уште еден чекор, но дефинитивно вреди зашто подобар колач од овој не постои. Девојка ми го обожава и затоа го правам специјално за неа. Еве што е потребно :
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто 1: 33 г путер на собна температура, 40 г шеќер, 40 г сенаменско брашно
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто 2: 65 г сенаменско брашно, 65 мл млеко, 65 мл вода, 60 г путер, 1 прстофат сол, 2-3 јајца (количината на јајца може да варива во зависност од нивната големина)
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за крем: 2 жолчки, 35 г шеќер, 10 г скроб/ниесте/густин, 200 мл млеко, 1 мала лажичка ванилин екстракт, 170 мл слатка павлака за шлаг, 17 г шеќер
ПОСТАПКА за приготвување на тесто 1: путерот исечете го на коцкички и оставете го да омекне на собна температура. Додајте му го шеќерот и мешајте додека целосно да се изедначи. Потоа додајте го брашното и повторно мешајте додека да добиете хомогена топка.
Со шпатулата префрлете го тестото помеѓу два листа фолија/хартија или најдобро, исечете голема зип кеса од двете страни. Со оглагија развлечете тенка правоаголна кора со дебелина 2-3 см. Ставете ја врз тацна или друга рамна површина и оставете да се стегне во замрзнувач 15 минути.
После тоа извадете го тестото и со мала чаша (дијаметар 5 см) вадете кругови. Ова треба да се работи брзо (тестото брзо се опушта, па потреба враќајте го повторно во замрзнувач на неколку минути) и со помош на нож или шпатулка внимателно вадете ги круговите.
Редете ги врз стреч фолија, на рамна површина и оставете ги во замрзнувач до употреба, а остатокот од тестото повторно соберете го во топка, развлечете го како и претходно, па вадете кругови додека да се потроши целата смеса.
ПОСТАПКА за приготвување на тесто 2: изматете 2-3 јајца и оставете ги настрана. Во тенџере ставете путер исечен на коцкички, млеко, вода и прстофат сол. Загревајте на умерена температура, а откако ќе зоврие варете уште 10 секунди.
Исклучете ја ринглата, па додајте го брашното. Енергично мешајте додека тоа да ја впие сета течност и да се создаде компактна смеса. Потоа вклучете ја повторно ринглата на најниска температура, и гответе го тестото со непрекинато мешање (1 минута) сè додека да започне да се одвојува од ѕидовите на садот и да се формира топка.
Тестото сипете го во друг сад и раширете го по ѕидовите за побрзо да се олади. Штом се олади до собна температура, започнете малку по малку да ги додавате јајцата. Мешајте со шпатула додека да се впие јајцето, па додајте нова количина. Тестото е готово кога паѓа од лажицата/шпатулата и формира латинична буква „V“ (исто како за принцес крофни/еклери).
Тестото складирајте го во готварски шприц. За да добиете колачи со иста големина како тркалцата од претходното тесто, направете го следното: врз плехот (обложен со хартија) каде ќе се печат колачите поставете ја чашата со која претходно ги вадевте круговите и одозгора наросете сосем малку брашно.
Кога ќе ја тргнете чашата ќе имате перфектен празен круг. на овој начин маркирајте ги сите полиња, а потоа со помош на готварскиот шприц пополнете ги со тестото. Потоа секое поклопете го со парче смрзнат круг и нежно притиснете со прстот за да се залепи.
Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 190 степени, 15 минути, а потоа намалете на 170 степени и печете уште 15 минути. За овој половина час не смеете да ја отворате рерната за да спласнат колачите. За време на печењето тие ќе пораснат како балони. По изминатото време исклучете ја рерната, подотворете ја рерната и оставете ги внатре уште 10-тина минути.
Извадете ги и оставете ги целосно да се оладат. Тие се крцкави, а внатре целосно шупливи. Од долната страна со дрвено стапче за ражен направете дупче и низ него со готварски шприц полнете ги со вкусниот крем. Ако коачите ги сакате крцкави, полнете ги со крем непосредно пред послужување. Колку подолго стојат филувани, од кремот омекнуваат.
ПОСТАПКА за приготвување на крем: жолчките изматете ги со шеќерот, па додајте густин и мешајте додека да се изедначи и да нема грутчиња. Потоа додајте го млекото и загревајте на умерено ниска температура со непрекинато мешање додека да згусне. Сварениот крем излејте го поширок сад, покријте го со стреч фолија и оставете да се олади до собна температура.
Слатката павлака измешајте ја со шеќер во прав (по вкус) и изматете ја додека да се формира шлаг. започнете постепено да го додавате оладениот крем, па матете додека целосно да се соедини. Вашиот крем е спремен за полнење во готварски шприц. По желба, крофните можете да ги полните и со некој друг крем по ваш вкус. Деталите погледнете ги ОВДЕ.