Оваа погача е позната како „Ајдучка полнета шубара“, традиционално јадење од нашиот регион, а толку многу е вкусна, што никого досега не го оставила рамнодушен.
Може да се јаде за ручек и со неа да пречекате гости, зашто доволно е само едно парче за да ве засити, а многу е вкусна и декоративна. Еве што е потребно според рецептот на Валентина, а подолу во текстот можете да ја погледнете и нејзината видеопрезентација:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто (за тепсија 32 см): 400 г брашно, 20 г свеж квасец (1/2 коцка), 1 мала лажичка шеќер, 1 мала лажичка сол, 2 супени лажици масло, 150-180 мл млака вода.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за фил: 500-600 г мешано месо (свинско, пилешко, јунешко, јагнешко), 300 г димена сланина, 2 ловорови листови, сол и црн пипер, лук во прав, сув зачин (вегета), масло, 1 голема главица кромид, 400 г свежи шампињони печурки, 2-3 печени пиперки (или ајвар), 1 зелена пиперка (може лута по вкус), 1 јајце за премачкување, 200 г рендан кашкавал
ПОСТАПКА: најпрво пригответе го филот. Месото исечкјате го на ситни кицкички (јас имам 300 г свинско и 300 г пилепко). Зачинете го со наведените зачини или по вкус, добро измешајте го, па пропржете го во загреано масло. Кога ќе ја промени бојата и ќе фати малку коричка, ставете ловоров лист и налејте малку вода (100-тина мл), поклопете и оставете да се динста на умерено ниска температура.
Додека месото се динста, во меѓувреме исечкјате го зеленчукот: кромидот исечете го на тенки полумесечинки, печурките на тенки листови, а пиперката на ситни коцкички. црвените пиперки испечете ги, излупете ги и исечете ги на ленти или коцки (може да искористите од зимница или ајвар).
Кога месото ќе омекне и ќе испари сета течност, отстранете ги ловоровите листови и со решеткава лажица извадете го од тавата во посебен сад (оставете го настрана). Во истата тава додајте уште малку масло ако е потребно, па додајте 250-300 г димена сланина исечкана на коцки.
Пропжете ја кратко колку да пушти маснотија, па додајте ги кромидот и пиперката. Промешајте и динстајте кратко додека да омекне зеленчукот. Потоа додајте ги сечканите печурки, промешајте и продолжете го динстањето додека печурките да омекнат и да испари вишокот течност која тие ќе ја испуштат.
Пет минути пред самиот крај додајте ги црвените, печени пиперки и динстајте уште 4-5 минути колку да се соединат со останатите состојки. Додајте лук во прав, црн и црвен пипер, како и зачини по ваш вкус, и на крај, додајте претходно испрженото месо. промешајте и динстајте уште неколку минути, па трегнете на страна да се лади, додека го приготвувате тестото.
Во подлабок сад просејте го брашното, направете вдлабнување во средината и тука изронете го квасецот, додајте шеќер, масло и со малку млака вода растворете го квасецот. По страните во брашното додајте ја солта, па со постепено додавање на водата замесете средно меко тесто. Доработете го на работна површина.
За да се измазни малку намастете го, па поделете го на два дела: едниот да биде малку помал од другиот. Поголемото парче поделете го на три дела, од секој дел обликувајте топче, а потоа валјаче. Покријте го тестото и оставете да одмори 15-20 минути. За тоа време тепсијата намастете ја и обложете ја со хартија за печење (да можете да ја подигнете печената погача сосе хартијата).
Едното парче тесто развлечете го со оклагија во тенка кора со големина на тепсијата. Кората поставете ја на дното и израмнете ја со рацете. Од трите валјачиња развлечете долги тенки „врвки“ (врз намастена површина за полесно да се развлекуваат. Потоа од нив сплетете дебела плетенка и поставете ја кружно, врз кората, покрај зидовите на тепсијата.
Вака приготвената погача покријте ја со крпа и оставете ја да одмори половина час. По изминатото време наполнете ја погачата со филот и убаво притиснете до плетенката за да се распореди рамномерно. Со изматено јајце премачкајте ја плетенката, па вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. За тоа време (15 минути) погачата уште малку ќе одмори.
Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 10 минути, а потоа намалете на 180 степени и печете уште 20-30 минути. Потоа извадете ја погачата и во средишниот дел ставете рендан кашкавал и неколку лути пиперчиња, па вратете во рерна уште 5-10 минуи колку да се растопи кашкавалот. Погачата оставете ја да се олади, а потоа сечете ја. Деталите погледнете ги ОВДЕ.