Ќе ве воодушеви со мекиот и воздушест вкус, но и со неверојатно лесната подготовка. Рецептот е наменет за почетници, а откако ќе се совлада основната постапка, ќе можете да правите и други форми или да ја филувате со сирење или месо. Постојат памук кифли, а постои и памук погача која е премногу мека и вкусна, како вистински памук. Одберете рецепт кој повеќе ви се допаѓа:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно (приближно), 30 г свеж квасец (1 коцка), 250 мл топло млеко, 2 јајца, 50 мл масло, 1 супена лажица омекнат маргарин, 1 мала лажичка шеќер, малку сол по вкус. За фил: 200 г сирење и едно јајце, а за премачкување ќе бидат потребни една жолчка, малку масло и семки за одозгора или семе по желба, крупна сол и слично.

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл млеко, 100 г путер, 1 супена лажица шеќер, 1 супена лажица сол, 10 г сув квасец (1 кесичка), 5 г или 1 лажичка прашок за печиво (1/2 кесичка), 2 јајца (на собна температура), 2-3 лажици масло и приближно 800 г меко брашно




ПОСТАПКА за рецепт 1: растопете го квасецот во млако млеко, додајте шеќер, јајца (на собна температура), масло, брашно и сол, па замесете помеко тесто. Оставете го покриено да стасува на топло место и без провев, а потоа со оклагија развлечете тенка кора и премачкјате ја со омекнат маргарин. Исечете ја на правоаголници.




Сирењето изронете го ситно, додајте жолчка и изедначете. Со лажичка вадете од филот и ставајте на секој правоаголник. Виткајте и добро притиснете со прстите за да формирате ролнички. Тепсија или калап со димензија 24 см добро намастете со масло.




Секоја ролничка косо исечете ја на половина и парчињата редете ги во тепсијата така што сечениот дел да биде свртен нагоре кон ивицата на плехот. Редете ги во круг, па следејќи го кругот кога ќе се пополни, наредете и помеѓу, па продолжете додека да се исполни целата тепсија.




Прекријте ја со кеса погачата и оставете ја на топло да стасува додека да го зголеми волуменот, па премачкјате ја со разматена жолчка и малку масло, а одозгора наросете ја со црно семе, сусам, семки, крупна морска сол или нешто по ваша желба.

Погачата ставете да се пече во добро загреана рерна на 200 степени 40-тина минути или печењето прилагодете го според вашата рерна, додека убаво да зарумени. Оставете да се олади, а потоа уживајте во нејзиниот вкус. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт кој е наменет за почетници кои немаат иcкуство со тесто:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Одвојте ги јајцата. Во еден сад ставете 1 белка и 1 цело јајце, а во друг сад ставете 1 жолчка и 1 лажица млеко. Остатокот од млекото загрејте го да биде млако, а путерот растопете го. Во млакото млеко ставете квасец и шеќер, па промешајте да се растворат.

Додајте малку брашно (2 полни раце), па додајте го јајцето од првиот сад + 1 белка, растопениот путер, сол и прашок за печиво. Убаво промешајте со лажица. Потоа постепено, малку по малку додавајте го брашното, а на крај замесете го со рака. Треба да добиете меко и малку лепливо тесто.




Прелијте го со 1-2 лажици масло, превртете го, краевите уфрлете ги кон средината, повторно превртете го, прекријте го со крпа и оставете го на топло место да стасува околу еден час или подолго, колку што е потребно за да го удвои волуменот.

Стасаното тесто премесете го на работна површина со малку од преостанатото брашно, колку да не се лепи на површината. Обликувајте го тестото во топка, па притиснете го со дланките да се израмни како диск.




Префрлете го во плех 28-30 см претходно намастен или обложен со хартија, па дополнително со рака обликувајте го тестото. Натопете ги прстите во преостанатото масло, па направете раб 1-2 см од ивицата на тестото, а потоа исто така, со врвовите од тестото направете триаголници.

Прекријте го со крпа и оставете го 30 минути да ферментира, па вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Кога ќе се загрее, изматете ја жолчката што остана на страна со една лажица млеко, па премачкјате ја целата погача. По желба наросете семки. Печете 25 минути или малку помалку, додека да зарумени. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.