Ситните колачи се многу практични за послужување, а сите ги обожаваат поради тоа што се приготвуваат едноставно од неколку состојки што сите ги имаме дома. Може да ги правите во најразлични облици, а потоа да ги валате во кокосови трошки, или во мелени јатки, како лешници, ореви, бадеми итн. Многу се вкусни бидејќи се целите чоколадни. Пробајте го овој рецепт кој нема да ве остави рамнодушни.




Колачињата се јадат во еден залак, а одговараат за секоја сезона, може да ги правите и за празници, но и како секојдневен десерт. Многу се вкусни доколку се послужат со шолја кафе. Тестото се замесува навистина брзо и не бара многу работа.

Колачите се многу вкусни бидејќи главната состојка е путерот која ги прави многу сочни и меки. Потсетуваат на старинските колачи кои нашите баби ги чуваа во кутија долго време. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 125 г путер, малку прстофат сол, 1 кесичка ванилин шеќер, 70 г шеќер, 2 лажици пченкарен скроб/нишесте, 2 лажици незасладено какао, 1 јајце, 4 г прашок за печење (1/2 кесичка), 280-300 г брашно, 200 г темно чоколадо и кокосови трошки (или мелени лешници, ореви, бадеми…).




ПОСТАПКА: Путерот и јајцето треба да бидат стоплени на собна температура минимум 1 час пред подготовка на колачињата. Омекнатиот путер ставете го во еден подлабок сад и изгмечетe го со задната страна на една виљушка или со шпатула додека да добие мазна конзистентност. Потоа, во него се додава ванилиниот шеќер и кристал шеќерот и енергично се соединуваат состојките.




Веднаш потоа, додајте го скробот и прстофат сол, соединете, па ставете го какаото. Додајте го јајцето, повторно соединете додека подеднакво да се распореди, па на крајот додајте го прашокот за печење заедно со брашното, кое треба да се додава постепено, додека го замесувате тестото. Брашното, прашокот за печиво, скробот, какаото не мора да се просејуваат, но затоа е важно добро да ги измешате.




За овој рецепт ќе ви биде потребно од 280-300 г брашно, затоа брашното се додава постепено и по конзистентноста на тестото одредете кога е доволно. Замесете фино, мазно и тврдо тесто кое нема да се распаѓа и нема да се лепи за рацете, а лесно треба се обликува. Вака подготвеното тесто, веднаш се префрла на рамна површина и уште малку се домесува, нема потреба да отстојува.




Тестото треба да има конзистентност слична на омекнат пластелин. Се дели на 5 поголеми делови и од секој дел се формира валјак со средна дебелина. Петте валјаци наредете ги паралелно еден до друг и исечете колачиња со големина по ваша желба. Паралелно се редат за да ги исечете сите колачиња идентично.




Обично од секој валјак треба да излезат по 5 парчиња, вкупно ќе добиете 25 колачиња. Секако, од ова тесто можете да правите какви сакате облици. Вака подготвените колачиња редете ги на плех обложен со хартија за печење, оставајќи малку простор помеѓу секое колаче. Колачињата се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15-20 минути. Потоа извадете ги сосе плехот од рерна и почекајте малку да се оладат.




За тоа време, растопете го чоколадото на пареа и настрана подгответе си ги кокосовите трошки. Колачињата можете да ги валате и во мелени јатки, по вкус. Кога малку ќе се оладат, секое колаче се потопува во топлата глазура од чоколадо, па веднаш потоа се префрла во кокосовите трошки или мелените јатки и се валка додека да се обложи цело колаче.




Потоа, колачињата се редат на плехот и се оставаат уште малку да се стегнат од чоколадото и мелениот кокос или јатките, фино да се залепат за чоколадото. По неколку минути, со остатокот од глазурата, која треба да ја ставите во кујнски шприц, декорирајте ги колачињата со чоколадни линии.

Оставете уште малку да се стегне чоколадото, па потоа послужете ги со шолја топло кафе. Доколку ви се допаѓаат, можете наредниот пат да си направите двојна доза. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.