Овој колач може да се приготви и со ореви/лешници или комбинација по ваша желба. За љубителите на јатки во комбинација со чоколадо, ова е еден совршен и добро осмислен колач кој се подготвува многу лесно и едноставно. Во продолжение можете да прочитате 2 рецепти, првиот е без печење, а вториот со печење. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 100 г кикирики, 200 г чоколадни бисквити, 100 г путер, 300 мл течна незасладена павлака (200 + 100), 100 г шеќер во прав, 300 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија, Абц…), 1 банана, 150 г чоколадо, бело чоколадо за декорација или нешто по ваш избор.

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 8 белки, 8 лажици шеќер, 250 г мелени кикирики, 4 лажици брашно, 1 лажичка прашок за печиво. ЗА БЕЛА ГЛАЗУРА: 250 г бело чоколадо (најдобро Милка), 2 лажици масло. ЗА КРЕМ КАРАМЕЛ: 12 лажици шеќер, 250 г маргарин/путер, 8 жолчки, 250 г несолени кикирики. ЗА ЧОКОЛАДНА ГЛАЗУРА: 250 г темно чоколадо, 2 лажици масло.

ВТОР РЕЦЕПТ




ПОСТАПКА: Во нелепливо тавче ставете ги кикириките и насолете ги со сосем малку сол да се пропржат. Кога ќе почнат да го испуштаат својот пријатен мирис, тргнете го тавчето од рингла, оставете ги да се оладат, па префрлете ги во блендер и сомелете ги. Тргнете ги настрана, па во блендерот додајте 200 г чоколадни бисквити, па и нив сомелете ги.




Доколку не можете да најдете чоколадни бисквити, користете обични бискити и во нив додајте малку какао во прав. Бисквитите измешајте ги со мелените кикирики. Настрана растопете 100 г путер и додајте го во бисквитите и кикириките. Нежно измешајте додека да се формира мокра смеса која има конзистентност на влажен песок. За овој колач се користи калап со пречник од 18 см, но доколку имате поголем, зголемете ја количината на состојките во зависност од големината на калапот.




На дното на калапот со флексибилен обрач натапкајте ја кората така што од страните ќе се издигнува минимум 1-2 прсти, а на дното фино прилепете ја. За натапкување може да си помогнете со задниот дел на една чаша. За подготовка на кремот: 200 мл течна (незасладена) павлака изматете ја со миксер заедно со 100 г шеќер во прав.




Смесата треба да стане кремозна и да се згусне. Ако користите засладена павлака, тогаш додајте шеќер по вкус. Настрана изматете го маскарпонето или некое друго крем сирење во фина смеса, па потоа со миксер соединете ги со шлагот од изматената павлака. Вака подготвениот крем поделете го на 2 еднакви делови и 1 потенок слој (помал дел). Помалиот слој премачкајте го сосем малку врз кората од бисквит и кикирики.




Потоа одозгора наредете 1 банана сечкана на крукчиња. Другата половина од кремот се премачкува врз бананата и убаво се распоредува. Потоа следи глазурата од 150 г чоколадо и 100 мл течна павлака која треба да ја соединете на пареа. Глазурата се премачкува врз белиот крем, а одозгора доаѓа втората половина.




Најдобро е кремовите да бидат оладени при премачкување. Врз чоколадната глазура се премачкува преостанатата половина од бел крем. Колачот се става во фрижидер да се стегне неколку часа, а потоа се декорира со бело чоколадо по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Изматете ги белките во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Мелените кикирики помешајте ги со брашното и прашокот за печиво. Додајте ги внимателно во белките со превртување на лажицата или жицата вртејќи ја смесата од долу. Потребно е да остане пенлива. Вака приготвената смеса рамномерно распоредете ја во обложен плах со димензии 30х25 см и ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени околу 30 минути, во зависност од рерната.




Изладете ја печената кора, па прелијте ја со растопено бело чоколадо. Внимателно размачкајте врз целата кора и оставете да излади. Осум лажици шеќер растопете ги на оган за да добиете карамел. Внимателно мешајте додека шеќерот се топи за да не ви загори. Додајте маргарин и мешајте додека и тој да се растопи и соедини со шеќерот.

Жолчките изматете ги со преостанатиот шеќер, па и нив додајте го растопениот маргарин со шеќер. Убаво промешајте и соединете, па додајте ги кикириките (мелени или исечкани по желба). Мешајте на тивок оган додека да згусне, па тргнете од оган и оставете да излади. Кога кремот ќе биде млак тогаш нанесете го врз слојот од бело чоколадо.

Ако кремот го ставите додека е топол, тогаш чоколадото ќе се стопи и ќе се измеша со кремот. Оставете да излади и да се стегне. Можете да го оставите во плехот во кој се печеше кората. На крај растопете го чоколадото со масло на водена пареа и прелијте преку кремот од кикирики, па оставете заедно да се стегне и убаво да излади пред сечењето.