Направете вкусно и сочно трилече на кое никој нема да одолее. Кога го направив последниот пат, половина тепсија ја изедов сама од што ми се слади. Отсега, ја научив лекцијата и правам по 2 тепсии, особено кога доаѓаат гости, за да има за сите. Ова е најдобриот рецепт за трилече. Еве што ви е потребно:
ПOTРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 белки, 5 жолчки, 500 г специјално брашно за трилече, 100 мл ладна вода, малку путер за премачкување на садот за печење (и плус хартија за печење), 100 г шеќер. ЗА ПРЕЛИВАЊЕ: 150 г млеко во прав, 2 литра млеко, 250 мл слатка павлака. На крај ќе ви биде потребно и 300 г крем карамел кој можете да го купите и готов од продавница.
ПОСТАПКА: Јајцата треба да бидат барем еден час на собна температура. Одвојте ги белките од жолчките. Добро изматете ги белките со миксер додека да добиете густ и цврст снег, за што е потребно да матите околу 5 минути со миксерот, па постепено додавајте го шеќерот и матите додека да се растопи. Потоа, една по една додавајте ги жолчките и матете додека целосно да се соединат во снегот.
Кога смесата ќе се изедначи, постепено додавајте 100 мл ладна вода и продолжете со матење со миксерот. Кога ќе ги соедините влажните состојки додавајте го брашното на неколку наврати, додека смесата да се изедначи и стане хомогена. Во меѓувреме подгответе го плехот за печење. Мојот плех е со димензии 40х25 см, доколку немате со оваа големина користете приближна величина, па намастете го со путер и обложете го со хартија за печење.
Вака приготвениот плех рамномерно излејте го тестото и израмнете со протресување. Ставете да се пече во добро загреана рерна на 250 степени, околу 10-тина минути. После изминатото време намалете ја температурата на 150 степени и продолжете со печењето уште 15-тина минути.
За тоа време пригответе го млечниот прелив. Во тенџере ставете 150 г млеко во прав, 300 мл млеко и 250 слатка павлака. Добро промешајте со жица/маталка за да се разбијат грутчињата од млекото во прав. Мешајте енергично кратко време додека убаво да се измазни смесата.
А потоа додајте уште 1700 мл млеко (вкупно се потребни два литра млеко) и тенџерето ставете го на оган да се загрее. Мешајте постојано, млекото треба да се загрее, но не треба да зоврие. За тоа време печениот колач извадете од рерната и оставете го 10 минути да се олади.
Извадете го од садот, превртете го и повторно вратете го во истиот сад, па отстранете ја хартијата од него внимателно. Со дрвена чепкалка, а најдобро стапче за ражнич избоцкајте го густо пандишпанот на повеќе места за да може убаво да го прими и впие млечниот прелив.
Одозгора со помош на кутлача прелијте го рамномерно со топлото млеко преку целата површина. Колачот ќе пливне во млекото, но не грижете се, така треба да биде. подоцна поголемиот дел од млекото ќе го впие, но сепак малку и ќе остане за да ја одржува сочноста.
Оставете го колачот настрана да се олади и почекајте убаво да го впие млекото, неколку часа. За тоа време извадете го карамелот на собна температура и добро измешајте го со лажица.
Рамномерно нанесете го врз колачот и израмнете. Оставете го колачот два часа во фрижидер. Откако добро ќе излади, можете да го сечете на коцки со големина по ваша желба и да го послужете. Ќе уживате во неговиот освежителен и сочен вкусен.