Дома ни е најубаво кога ќе си седнеме со децата околу масата и со лажица ќе почнеме да јадеме од овој колач со Орео колачиња. Толку многу е вкусен, што речиси двапати седмично го подготвувам, а домашните го сакаат и почесто. Има кремаст вкус и при секој залак се разлева низ устата. Сѐ што ви е потребно е да ги измешате состојките за 1 минута, во садот за печење и толку.
Во продолжение може да прочитате и уште еден рецепт за чоколаден чизкејк кој се подготвува за 10-15 минути. За оние кои се љубители на бисквитните колачи, како мојот сопруг, овој колач од срце ви го препорачувам. Јас секогаш ги правам и двата, нераздвојни се во нашата куќа. Едниот го јадам јас со децата, а сопругот го јаде бисквитниот. Еве што ви е потребно за да го направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 12 Орео колачиња, 120 мл млеко, 1 лажица какао во прав, 2 лажици брашно, 7 г прашок за печиво, бело и темно чоколадо за декорација. Од оваа количина излегува мал колач и се пече во најмалиот плех што го имате, за да биде повисок.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 300 г мелени бисквити, 100 г мелени ореви или лешници, 1 лажица шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер, 60-70 г растопен маргарин/путер (може уште малку ако кексите се суви), 2-3 лажици чоколадно млеко. ЗА ФИЛ: 400 мл слатка павлака, 350 г чоколадо, 100 г чоко снегулки.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Орео колачињата ставете ги во мал огноотпорен сад и прелијте со топло млеко. Изматете со жица/маталка додека колачињата да почнат да омекнуваат и да се растворат сите бисквити. Додајте го какаото, брашното и прашокот за печиво и сè измешајте со жица да нема грутчиња.
Ставете го колачот да се испече во микробранова печка 3 минути или во рерна на 180 степени, 15 минути. Јас го подготвувам во рерна и секогаш ми излегува супер. По печењето, оставете малку да се олади, па одозгора декорирајте го со линии од растопено бело и темно чоколадо со помош на слаткарски шприц.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: За подлога може да употребите било каков кекс. Во подлабок сад ставете ги мелените бисквити, мелените ореви, ванилиниот шеќер и шеќерот во прав. Промешајте убаво да се изедначат состојките, па прелијте со растопен путер и доколку сакате, може да додадете 2-3 лажици чоколадно млеко.
Убаво промешајте за да добиете ровка, леплива смеса. Нанесете ја во калап бр. 24 претходно малку намастен со путер. Страните на калапот можете да ги обложите со проѕирна фолија. Рамномерно нанесете ја смесата и нежно притиснете со лажицата, па тргнете настрана додека го приготвувате филот.
ПОСТАПКА ЗА ФИЛОТ: 400 мл слатка павлака ставете на оган колку да се замлачи, но не смее да зоврие. Потоа додајте го чоколадото искршено на коцки и промешајте за да се растопи и изедначи. Кога ќе се добие мазна еднолична смеса, додајте ги снегулките, промешајте и прелијте преку подлогата од кекси. Вака приготвениот колач оставете го во фрижидер најмалку два часа или во замрзнувач еден час. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.