Вкусни, меки и сочни. Овој рецепт ми беше подзаборавен, а пред некој ден се сетив на него, па ги направив овие „лажни чупавци“ и пред малку ги завршив. Кај нас се јадат со брзина на светлината и ништо не останува за следниот ден, така што утре пак ќе ги правам, но во двојна доза!




Без печење и без дополнително готвење и валкање на садовите, со овој рецепт може да си уживате додека ги подготвувате овие мали колачиња. Во продолжение ќе може да прочитате уште еден рецепт за чупавци, кои според мене се едни од најдобрите. Еве што ви е потребно за да ги направите:

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ – ЛАЖНИ ЧУПАВЦИ): 300 г кикирики, 100 г лешници, 250 мл цврст јогурт, 2 лажици мед, 50 г какао (може да растопите и чоколадо), кокос за валкање на чупавците.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ – ЧАЈНИ ЧУПАВЦИ): 500 мл млеко, 5 лажици густин, 10 лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 150 г путер, 1 пакување (1 кг) чајни колачиња (тркалца), 200 г кокос. И уште: млеко за натопување и малку рум.

Чајни чупавци – Втор рецепт




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Кикириките треба да бидат претходно испечени, а доколку сакате може дополнително уште еднаш да ги испечете. Излупете ги, па изблендирајте ги додека да се сомелат во прав. Смесата треба да има конзистентност на влажен песок и да не остануваат поголеми делчиња од кикириките.




Во сомелените кикирики во блендерот, додајте ги лешниците (или може да користите и некои други јатки по желба или комбинација на повеќе јатки) па сомелете ги сосем малку, да останат поситни парчиња. Префрлете ги состојките во еден подлабок сад, па додајте јогурт и мед и сè измешајте.




Ставете го какаото и соединете, па формирајте топчиња кои малку ќе ги израмните. Отприлика, јас секогаш како мерка користам 1 супена лажица и помеѓу дланките ги обликувам топчињата, па малку ги сплескувам и ги редам на плех, обложен со хартија за печење. Валкајте ги чупавците во кокос и потоа ставете ги во фрижидер на половина час.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Млекото ставете го да зоврие, па промешајте густин, шеќер и ванилин шеќер со малку млеко, па сварете како пудинг, на вообичаен начин, на средна температура. Оставете да излади под фолија, за да не фати коричка, па соединете со пенасто изматен путер.

Чајни чупавци – Втор рецепт




Тркалезните колачиња натопувајте ги во млеко и малку рум, па со мало лажиче ставајте фил и валкајте ги во кокос. Повторувајте ја постапката додека да ви се потрошат колачите и филот. Колачињата редете ги на рамна чинија.




Најубави се кога ќе отстојат неколку часови во фрижидер или уште подобро преку ноќ. Ова е еден од најлесните рецепти на кој сите се воодушевуваат. Го знаат малку домаќинки, па затоа го споделувам со вас, да си го имате за резерва. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.