Се подготвуваат толку брзо и едноставно, ќе ве освојат после првиот залак. Нугат коцките се прават од неколку состојки и имаат освежителен вкус. Може да ги послужите за божиќните празници, а оние кои што ќе ги пробаат, веднаш ќе ви побараат рецепт да си ги направат.




Во овој рецепт се користат само жолчки, а белките може да ги искористите за да направите вкусен шам или да направите целувки, па така ќе имате две вкусни слатки кои се едни од најпосакуваните на трпезата. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г шеќер, 100 мл вода, 5 жолчки, кора од 1/2 лимон, прстофат сол, 1 лажиче ванилин екстракт, 50 г (5 лажици) ореви, 300 г (3 чаши) мелени бадеми. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ ОДОЗГОРА: 1 жолчка од јајце, 20 г (2 лажици) кафеав шеќер.




ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете го шеќерот (200 г) и одозгора прелијте со 100 мл вода. Ставете на рингла, вклучена на ниска температура и оставете шеќерoт да се растопи и да добие густа конзистентност, како сируп.




Во подлабок сад одвојте ги жолчките од белките. Во жолчките изрендајте кора од 1/2 лимон, додајте прстофат сол и 1 лажиче ванилин екстракт. Кога сирупот ќе стане густ и леплив, да не ја промени својата боја, тргнете го од рингла и додајте го во смесата од жолчки. Соединете ги енергично состојките со жица/маталка.




50 г ореви исечкајте ги на половина или на четвртини (во зависност од големината) и пропржете ги во тавче, сосем кратко. Бадемите сомелете ги во брашно и додајте ги во смесата од жолчки, па на крајот ставете ги и пропржените, оладени ореви. Соединете ги состојките, додека да се формира еднолична смеса, без грутчиња од бадемовото брашно. Смесата ќе изгледа како пире.




Целата содржина излејте ја во некој помал (силиконски) калап (со димензии 20х8 см или приближно) и по потреба претходно обложете со хартија за печење или проѕирна-стреч фолија. Измазнете ја смесата во калапот, подеднакво да се распореди, па ставете да се стегне во фрижидер околу 24 часа. Значи, колачот се подготвува од претходниот ден.




Следниот ден, извадете го колачот од фрижидер и од калапот и одозгора премачкајте го со мешавина од една жолчка и 20 г кафеав шеќер. Премачкајте одозгора врз колачот, па ставете го во рерна да се формира коричка одозгора, на неколку минути. Рерната треба да ви биде загреана на 200 степени.




По изминатото време, оставете колачот малку да се олади, па потоа послужете го исечен на коцки. Ваков колач досега не сте пробале, ќе ги изненадите и домашните со овој неверојатен, кремаст вкус, збогатен со ореви. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.