Tестото е преубаво искомбинирано со сите состојки во совршен сооднос. Се послужуваат на слави, посни или мрсни, без разлика јас и преку цела година си го правам само овој рецепт.
Понекогаш правам голема количина од која половина си ја замрзнувам, а другата половина ја чувам во замрзнувач за во итни случаи, кога ми доаѓаат ненадејни гости или кога немам ништо за ручек.
Во секој случај, тестото е многу меко, воздушесто и не се забележува дека во кифличките нема јајца и млеко. Затоа сите ги сакаме. Особено се многу вкусни кога се топли, но и кога ќе се оладат, остануваат многу меки. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 280 мл вода, 20 мл масло, 20 г квасец, 15 г шеќер, 10 г сол, 60 г маргарин за премачкување на тестото и уште 60 г за премачкување однадвор (маргаринот треба да биде посен).
ПОСТАПКА: Во еден помал сад иситнете го квасецот на неколку помали парчиња, речиси да биде изронет. Ова е приближно половина коцка свеж квасец од 40 г. Во него додајте неколку лажици млака вода и измешајте за убаво да се раствори.
Во подлабок сад низ сито просејте го брашното и од количината одземете 4 лажици кои ќе ви бидат потребни за подоцна. Во брашното додајте ги шеќерот и солта. Измешајте со лажица и на средина направете вдлабнатина во која ќе го додадете растворениот квасец.
Потоа додајте го маслото и остатокот од водата. Почнете да ги мешате состојките од средина кон надвор, а кога ќе се формира лепливо тесто преминете на рачно месење. Продолжете со истото темпо односно тестото месето го со развлекување од средина кон надвор.
Ова се нарекува спирално месење и не треба да додавате брашно додека да го формирате тестото. Ќе забележите дека е еластично како гума. Кога ќе се формира, може да го префрлите на рамна набрашнета површина и постепено да додавате од брашното кое претходно го тргнавте настрана и да го замесите додека да стане меко, воздушесто и нелепливо, во форма на топка.
Потоа тестото се враќа во садот каде што го замесивте, го покривате со проѕирна фолија и кујнска крпа и оставате да стаса 45 минути. Потоа го враќате врз работната површина и го делите на 3 еднакви делови, секој дел да биде приближно по 280 г.
Од секој дел формирате топче и ги оставате да одморат уште 10 минути. Потоа секој дел се развлекува со оклагија во круг со пречник 25-28 см и се премачкува темелно со 20 г посен маргарин. Потоа овој круг се сече на 12 триаголници и од секој дел се витка кифличка.
Кифличките се редат на плех со хартија за печење и се оставаат да отстојат уште 45 минути. Потоа одозгора им се става парче маргарин и се печат во претходно загреана рерна на 230 степени, 10-12 минути. По желба, пред печењето, кифличките можете да ги наросите со сусам. Ако рерната ви пече нерамномерно тогаш после 8 минути свртете го плехот.
По печењето доколку сакате кифличките да бидат крцкави треба да ги оставите целосно да се изладат под крпа. Ако сакате кората да биде мека, тогаш премачкајте ги со растопен маргарин додека се топли.
Половина од нив може да замрзнете, а при одмрзнување се загреваат во огноотпорен сад во рерна на 250 степени, 3-4 минути и одозгора се премачкуваат со масло и малку маргарин. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.