Еден далечен пријател кој веќе не живее тука, ми го испрати овој рецепт за шпански печива како подарок за роденден, бидејќи знае колку многу сакам да готвам и да месам тесто. Следниот ден, веднаш го пробав рецептот и морам да признаам дека сум воодушевена од вкусот на овие печива.




Излегуваат околу 10-тина печива и сите се со големина на чинија, веднаш најадуваат, но од што се толку вкусни, дома ги јадеме во едно седнување. Комбинацијата на сите состојки е супер дизајнирана. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша млеко (200 мл), 1 чаша вода (100 мл), 1 голема лажица шеќер (20 г), 1 јајце, 1 кесичка квасец (10 г), 5 чаши брашно (600 г), 1 лажичка сол (8 г). ЗА ФИЛОТ: 3 компири (800 г), 1 главица кромид, 50 г чедар или некој друг кашкавал, 1 лажичка крупен зачин (снегулки) црвен пипер, црн пипер, малку кумин, малку магдонос, 1/2 лажичка сол (4 г).




ПОСТАПКА: Најпрво се започнува со подготовка на филот. Измијте ги компирите под млаз вода, па излупете ги. Исечкајте ги на поголеми парчиња, па ставете ги да се варат во тенџере со вода во која сте додале малку сол. Компирите варете ги додека целосно да омекнат.




Во меѓувреме, започнете со подготовката на тестото. Најважно е водата, млекото и јајцето да бидат на собна температура. Во подлабок сад истурете 1 чаша млеко, потоа додајте 1 чаша вода, па ставете го шеќерот, јајцето и сувиот квасец. Измешајте ги состојките со шпатула додека да се соединат.




Потоа, постепено започнете да го додавате брашното, заедно со солта и мешајте додека да почне да се формира компактно тесто. Потоа преминете на рачно месење за да добиете мазно, меко тесто, кое не треба да биде лепливо под прсти. Оставете да отстои 30-тина минути на собна температура, додека да го удвои својот волумен, покриено под фолија или кујнска крпа, во садот каде што го замесивте.




Сварените компири процедете ги од водата во која се вареле и испасирајте ги. Настрана исечкајте 1 главица кромид на ситни коцки, малку пропржете го кромидот, па додајте го во пирето. Изрендајте го чедар кашкавалот, додајте го и него, па зачинете со 1/2 лажичка сол, малку црн пипер и кумин и 1 лажичка зачинска црвена пиперка.




Измешајте ги состојките за филот, па на крајот додајте и малку сечкан магдонос (околу половина китка). Кога ќе го вмешате магдоносот во останатите состојки, филот е спремен. Потоа, поделете го на 10 еднакви делови и од секој дел формирајте топче.




Кога ќе ги подготвите топчињата за филот, преминете на стасаното тесто. Префрлете го на набрашнета површина и уште малку размесете го колку да се испушти воздухот од него. Развлечете го во подебел валјак и поделете го на 10 еднакви делови.




Секое делче од тестото развлечете го во тенок круг, со помош на оклагија, па на средина ставете едно од топчињата за филот. Потоа, со краевите на тестото затворете го топчето целосно и добро прилепете го на краевите за да се затвори. Вака подготвеното тесто, повторно развлечете го во круг, како мала погача.




На овој начин подгответе ги сите останати теста и наредете ги на плех обложен со хартија за печење. Обично мене на обичен плех од рерна ми собира по 9 теста, но можете да ги печете и на двапати, ако не сакате да ви бидат прилепени едно до друго.

Пред да ги ставите тестата на печење, премачкајте ги со мешавина oд 1 лажичка чили зачин и 3 лажици масло (36 мл). По премачкувањето, врз печивата наросете малку изрендан чедар кашкавал.

Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25-30 минути. По печењето, оставете сосем малку да се оладат, па послужете ги додека се уште топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.