Според моето долгодишно искуство кога станува збор за славите, најбарано и најбрзо потрошувано ми е секогаш предјадењето. На трпезата секогаш ставам погача, разни салати, а во последните две години го правам и овој ролат според рецептот на Сузе.
Рецептот ми беше познат одамна но го имав заборавено. Кога Сузе го сподели на нејзиниот канал, веднаш си го запишав и малку го прилагодив по мој вкус. Ролатот е толку многу сочен и се прави со готови кори, нема да ви одземе многу време. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 готови кори за пита. ЗА ПРВИОТ ФИЛ: 3 јајца, 100 мл јогурт, 100 мл масло, 300 г урда, 1 полна рака блитва или спанаќ. ЗА ВТОРИОТ ФИЛ: 180 г павлака, 2 полни лажици крем сирење (АБЦ, Филаделфија, Президент…), 200 г шунка или некое друго сувомеснато по важа желба. Плус, може да додадете и кашкавал.
ПОСТАПКА: Сите состојки добро е претходно да си го приготвите, да ги извагате и да ги извадите од фрижидер, а заленчукот да го измиете и исечкате. Во еден подлабок сад се матат јајцата со жица-маталка или виљушка.
Кога ќе се изматат убаво и станат пенасти се додава маслото, јогуртот и урдата и се продолжува со матење додека да се добие убава хомогена смеса. Кога ќе се измешаат сите состојки се додава една рака ситно сечкана блитва или спанаќ според ваша желба.
Се продолжува со мешање за да се соединат состојките. Во плех се става хартија за печење и се реди една кора. Врз кората се става од филот со спанаќ или блитва и убаво се распоредува. Постапката се повторува 6 пати, додека има кори.
Вака подготвената пита не се витка во ролат, туку распространа низ плехот се става на печење, готова е кога ќе видете дека кората има фатено боја и е потпечена. Откога ќе се извади од рерна, додека е топла треба да се покрие со влажна крпа и се остава да се олади и да омекне.
Кога ќе се излади се превртува кората заедно сосе крпата и се витка во ролат. На овој начин се остава така свиткана со крпа уште 10-тина минути за подоцна кога ќе ја филувате, да не се прекрши. Во меѓувреме го правите филот од павлака и крем сирење кои треба да се измешаат во едноличен крем.
Потоа дел од филот го размачкувате врз кората и го оставате 10 минути да отстои за кората да поприми и да се омекне, а со самото тоа станува посочна. После 10-тина минути ја редите шунката и преку неа го ставате и другиот дел од филот, кој треба да го распоредите, а дури потоа виткате во ролат.
Ролатот го оставате да отстои некое време, можете да го ставите и во фрижидер да се стегне и потоа ролатот е спремен за послужување. Може да го декорирате по ваша желба, наша препорака е одзгора да го премачкате со фил од павлака и мајонез. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.