На славската трпеза, секако најглавна е погачата која сите ја обожаваат. Претпоставуваме дека секоја домаќинка си има свој рецепт за погача, но во секој случај може да го прочитате рецептот на Сања од „Кујната на Аурора“, па да испробате нешто ново. Погачата е на база на путер, многу е мека и воздушна и има крцкава коричка.
Погачата може да ја декорирате по ваша желба, но предлогот на Сања е одличен, па нема да се покаете. Количините на состојките според кои е направено ова тесто се одлично и професионално смислени, па затоа погачата излегува многу мека. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 650 г брашно, 250 мл млако млеко, 100 мл јогурт, 100 мл масло, 2 цели јајца и 1 белка, 1 кесичка (8 г) сув квасец или 25 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол, 100 г путер за премачкување.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад за замесување на тестото, ставете го млакото млеко и додајте го квасецот со лажичка шеќер и 2-3 лажици брашно. Промешајте и почекајте 10-тина минути квасецот малку да набубри. Потоа додајте го јогуртот кој треба да биде на собна температура, па маслото и промешајте до изедначување.
Додајте ги двете јајца и 1 белка, а жолчката од третото јајце, зачувајте ја за премачкување на погачата. Фино измешајте ги состојките, па кога ќе се соедини смесата постепено започнете да го додавате брашното, измешано со 1 лажичка сол. Приближно ќе ви бидат потребни 650 грама брашно и плус уште 2 лажици за размесување на тестото.
Кога ќе формирате меко тесто, префрлете го на набрашнета рамна површина и замесете го уште малку додека да се соедини и да не се лепи под прсти. Вратете го тестото во садот каде што го замесивте, покријте со стреч фолија и оставете да отстои околу 30-тина минути, додека да нарасне.
По изминатото време, поделете го тестото на 4 парчиња од 200 г, 4 парчиња од 70 г и едно парче од 170 г за на средина. Од секое парче тесто, формирајте топчиња и оставете ги да отстојат под фолија уште 15-тина минути. Прво почнете со правење на плетенки од најголемите парчиња тесто.
Земете прво 2 од најтешките топчиња и секое развлете го со оклагија на набрашнета површина во елипсовиден облик, колку повеќе можете. Премачкајте ги тестата со путер и поклопете ги едно врз друго. Уште малку размесете ја дебелата елипсовидна лента додека да се соедини уште малку.
Правете засеци на тестото само од страните, до средината од горе кон долу (види слика), а потоа преклопувајте ги паралелно преку еден засек (како што е прикажано на видеото подолу). На овој начин ќе добиете дебела плетенка која се става од страната на еден кружен плех или тепсија, а од другата половина на тепсијата се прави иста плетенка од преостанатите две теста.
Со средното и најмалите парчиња од тестото подготвувајте ги на ист начин. Се развлекува секое топче во елипсовиден облик, се дели надолжно на половина, се премачкува со путер и се преклопуваат половините и се пресекува крајот за да се добие правоаголна форма. Потоа се сечат три еднакви ленти кои треба да се соединети на горната страна од тестото и се прави плетенка (погледни видео).
На овој начин се прави големата ружа која се става на средина, а околу неа се ставаат помалите ружички. На празните делови може да ги сместите тестата кои ги пресековте од краевите на ружичките, формирани во топчиња.
Целата погача откако ќе отстои на топло за да нарасне, премачкајте ја уште малку со путер и преостанатото јајце, наросете со бел и црн сусам и ставете на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, 40-45 минути. По печењето, погачата се остава да се олади, па се премачкува уште еднаш со путер. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.