Кога првпат ги пробав овие крофнички, бев многу воодушевена од вкусот и веднаш го побарав рецептот од пријателката. Таа работи надвор од државата и го дознала од домаќините кај кои била сместена. Не знаев дали ќе ми излезат вкусни какви што беа на пријателката, но решив да пробам, ионака се приготвуваат од евтини состојки.




Постапката е едноставна иако можеби на прв поглед ќе ви се чини токму спротивното, се прави со малку намирници и за кратко време ќе ви бидат готови. Конкретно во рецептот за крофничките не се става брашно, но се користи при крајот за нивното похување. Може да ги послужите за роденден, кога ќе ви дојдат некои гости или едноставно да ги направите за вечера. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 поголеми компири, 2 јајца, 1-2 главици кромид, моцарела кашкавал, 3 лажици брашно од компир (скроб), 4 лажици брашно, лебни трошки и масло за пржење. Компировиот скроб е сличен на пченкарниот скроб, но има неколку разлики.




И двата се главно без вкус и може да се користат во различни рецепти како згуснувачи. Сепак, компировиот скроб има пониска температура на желатинизација и поголеми гранули што значи дека ги згуснува состојките за пократко време. Компировиот скроб може да го најдете во секој доброснабден супермаркет или да користите пченкарен скроб (+ 1 лажица, по потреба).




ПОСТАПКА: Компирите се мијат под млаз ладна вода. Потоа се лупат и се сечат на поголеми коцки кои треба да се складираат во тенџере, да се прелијат со вода и да се стават да се варат околу 15-тина минути додека да омекнат.




По изминатото време, компирите се пасираат во пире, па се зачинуваат со 1 лажичка сол и 1/2 лажичка црн пипер. Измешајте, па дегустирајте го компирот, доколку е потребно ставете повеќе сол. Веднаш потоа, додајте 3 големи лажици скроб од компир, а доколку користите пченкарен скроб, во тој случај по потреба додајте повеќе (+ 1 лажица).




Измешајте ги состојките со шпатула и добро соединете во згусната маса, која е потребно да ја ставите настрана. Земете еден кромид и исечете го на дебели кругови (како подолу на видеото) и потоа внимателно извадете ги прстените кои ќе ви бидат потребни за формирање на крофничките.




Исечкајте на тенки листови моцарела или некој друг кашкавал по избор и обложете ги внатрешните страни од прстените од кромид со неколку парчиња. Потоа започнете со формирање на крофничките. Црпете по малку од смесата од компир и дел по дел разработувајте го со раце, како да месите тесто, за малку да се стегне.

Формирајте валјак од делот кој го извадивте од тестото од компир, поделете на помали парчиња и со нив обложете еден ред од внатрешноста и еден дел од надворешноста на прстенот, оставајќи на средина празен простор во внатрешниот дел, за крофничките да имаат впечатлив изглед.

Убаво натапкајте ја со прстите крофничката додека да се покрие целиот прстен од кромид и измазнете го тестото со рацете. На овој начин подгответе ги сите крофнички, додека да го потрошите целиот материјал за тестото. Доколку имате помали кромитчиња, тогаш најверојатно ќе ви бидат потребни 2 главици кромид.

Настрана подгответе ја смесата за похување: во еден сад ставете 4 лажици брашно, во друг изматете 2 јајца со малку сол, а во трет ставете лебни трошки и додавајте по потреба. Начин на подготовка: Крофничките прво се валкаат во брашното, потоа во јајцата, добро се натопуваат и на крајот во лебните трошки.

Вака подготвените крофнички директно се пржат во длабоко загреано масло во тавче додека да поруменат од двете страни по неколку минути. Кога ќе се испржат крофничките, се вадат и се ставаат на чинија со салфетка да се исцедат од вишокот масло, па се послужуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.