На сите им е познато јадењето кое се нарекува „сатараш“ а се состои од пржени пиперки во вкусен доматен сос. Ова јадење може да се „мака“ со лепче, да се додава во варива, да се јаде како салата или да се пропржува со јајца. Едно од највкусните летни јадења.




Меѓутоа, омиленото јадење не мора да го јадеме само кога му е сезоната, туку можеме да го приготвиме според овој рецепт и да си го сочуваме за во зима. Се пакува во помали пластични садови и по потреба, може да си вадиме кога сакаме. Многу е практично кога немаме време за во кујна и за 5 минути имаме готово јадење. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ-РЕЦЕПТ 1: 1 кг кромид, 3 кг пиперки, 3 кг меснати домати, 2-3 моркови, масло, шеќер, сол. Според рецептот на Јелена (рецепт 2) за кој има и видео-презентација подолу во текстот: 2 кг кромид, 6 кг пиперки, 1,5-2 домати, 400 мл масло и сол




ПОСТАПКА рецепт 1: Ова се дадените мерки на зеленчукот измерен пред да се исчисти, а вие не мора според овие мерки да се придржувате, користете зеленчук во количина колку што вие сакате, важна е само постапката и правилното пакување. Од овие мерки излегуваат 8-9 тегли од 720 г.




Значи, најпрво зеленчукот убаво се мие со ладна вода и се чисти. Кромидот се сече на лентички-полумесечинки, а пиперките на поголеми парчиња, коцки или тркалца. Доматот се прелива со врела вода, а веднаш потоа се става неколку секунди во ледена вода со мраз за полесно да се излупи.




Претходно добро би било да го засечите на задната страна во вид на крстче и на овој начин дефинитно многу лесно и едноставно ќе ги излупите доматите. Потоа исечете го на поситни парчиња.

Морковите на ренде исечете ги на тенки тркалца, а можете и воопшто да не ставате морков. Тоа е по вкус. Во широко и длабоко тенџере во кое обично ја приготвувате зимницата, ставете масло да се загрее.

Најдобро е ова да се прави надвор на оган, но може и на шпорет. Важно е да користите што пошироко тенџере, затоа што важно е зеленчукот да се запржи а не да се свари во сопствениот сок.




Ставете прво да се испржи кромидот и посолете го, па кога ќе омекне и ќе застакли додајте го морковот, кратко пропржете го, па додајте ги пиперките и повторно малку посолете… Кога купувате пиперка добро би било да одберете од сите бои, да има и жолти, црвени, зелени и портокалови.




Кога пиперката малку ќе омекне, додајте ги доматите и малку посолете, а потоа полека гответе до густина која ја сакате. Во текот на готвењето на доматот додадете му малку шеќер за да го изгyби киселиот вкус, а на крај и сечкан магдонос доколку сакате.




Врелиот сатараш складирајте го во загреани, чисти тегли, на врвот нека има само течност, не смее да ѕирка парче пиперка. Врзете ги теглите или ставете им стерилизиран капак и завиткајте ги во ќебе додека да изладат.




Можете да го складирате и во пластични садови и да ги замрзнете. За целото готвење ќе ви одземе околу половина час време и доколку го полните во пластични садови, треба да почекате прво да се олади, па да го спакувате и да го ставите во замрзнувач. Деталите од постапката од рецепт 2 погледнете ги ОВДЕ.