Сите Македонци го обожаваат овој период од годината кога се приготвуваат рецептите со пиперки на најразлични начини. Освен вкусните намази како што се ајварот, пинџурот, малиџаното, лутеницата итн, Македонците сакаат и да си мезат вкусна салата со пиперчиња.




Совршена комбинација, а толку едноставна што ќе ја збогати секоја трпеза. Со оваа зимница, може да правите запршки, да макате во неа со потпечено лепче или едноставно да ја користите за салати.

Од оваа количина излегува една голема тегла од која можете да си вадите по малку, нема да згрешите ако направите, бидејќи е толку многу едноставно, а превкусно – прсти да излижеш. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г сирење по ваш избор, 4–5 печени пиперки, 2 чешниња лук, 6 зрна црн пипер, 1 ловоров лист, прстофат сув босилек, прстофат сув рузмарин, 200 мл екстра девствено маслиново масло.




ПОСТАПКА: Пиперките се печат на плотна (ако не се претходно подготвени) и се редат во кеса или тенџере со капак, па кога малку ќе подизладат се лупат и се чистат од семките и дршката. Вака подготвените пиперки треба да ги исечете на коцки. Одберете си сирење по ваш избор, може да биде солено како овчо или некое полесно по ваш избор.




Сирењето се сече на коцки, но не премногу ситно за да не се распаѓа (затоа се препорачува фета или некое потврдо). Во еден сад соединете ги пиперките, па зачинете со набројаните зачини кои се напишани погоре во потребните состојки.




Лукот излупете го, па исечете го на помали делови и додајте во мешавината. Во чиста, измиена тегла префрлете ги сите состојки, па прелијте со маслиново масло до врвот.

Доколку сакате да направите помала количина, намалете ја по ваша желба, а од оваа мерка се добива полна тегла од 700 г. Веќе кога печете пиперки, не пропуштајте да го направите и омилениот рецепт за зима – пиперки со лук и магдонос:

Прочитајте уште еден рецепт за вкусна зимница која верувам дека многу ќе ви се допадне – ПИПЕРКИ СО ЛУК И МАГДОНОС. Зимницата се подготвува брзо, а оди буквално со секое јадење. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10 кг црвени пиперки (или помалку), 1 литар оцет *, 300 г шеќер, 200 г сол, 1 кесичка конзерванс (опционално). И уште ќе ви биде потребно: 2 главици лук и околу 50 г свеж магдонос.




ПОСТАПКА: Измијте ги пиперките, исушете ги и испечете ги. По печењето ставете ги во сад со капак, да омекнат од пареата за да можат подобро да се излупат. Измешајте го шеќерот и солта добро со оцетот, па додајте конзерванс (опционално). Во оваа течност ставете ги излупените пиперки, па оставете ги да отстојат 24 часа.




Следниот ден, наредете ред пиперки во тегли, па наросете сечкан лук и сечкан магдонос, па повторно пиперки и така додека да се исполни целата тегла. Јас ги пополнувам теглите со течноста во која отстојале преку ноќ, а доколку не сакате да користите конзерванс едноставно подгответе си салата по следниот рецепт:




Откога ќе ги испечете пиперките, врз лукот и магдоносот додајте оцет па сето тоа прелијте го врз пиперките и послужете веднаш. Секако со оваа опција, треба да ја намалите количината на сите состојки. / Сoolinarka.com