ЦЕЛУВКА (ПУСЛИЦА) КОЛАЧ СО 3 ЈАБОЛКА и 15 минути работа, нема нешто полесно и повкусно. Запишете си го рецептот за колач со 3 јаболка и 3 јајца, кој уште го нарекуваме и „пуслица“ или целувка колач, бидејќи се подготвува од снег од белки.
Наједноставниот колач кој може да го направите е овој. Досега правев гриз колач со јаболка, а откога дознав за овој целувка/пуслица колач, сите се воодушевивме од вкусот и при секоја пригода го подготвувам. Колачот се состои од жолт бисквит, слој од белки и фил со јаболка.
За подготовка на жолтиот бисквитот ќе ви бидат потребни следнивe состојки. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 жолчки, 100 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 50 мл млеко, 100 мл масло, 100 г брашно, половина кесичка прашок за печиво.
Потребни состојки за слојот од белки: 3 белки, 120 г шеќер. За последниот слој – филот со јаболка ќе ви бидат потребни: 3 јаболка, 50 мл путер, сок од 1 лимон и 2 лажици шеќер.
ПОСТАПКА за филот од јаболка: Јаболката добро измијте ги, па излупете ги и исечете ги на тенки листови. Во тава на рингла ставете малку путер и оставете да се растопи на умерена температура. Во загреаниот путер ставете ги јаболката малку да се пропржат, колку да омекнат.
Одозгора прелијте ги сок од 1 лимон и 2 лажици шеќер, па малку промешајте. Кога јаболката малку ќе потемнат и ќе омекнат, тргнете ги настрана и оставете ги да се оладат. За тоа време подгответе го жолтиот бисквит.
Подготовка на жолтиот бисквит: Во длабок сад додајте ги трите жолчки и 100 г шеќер и изматете со миксер. Потоа додајте го ванилиниот шеќер, млекото и маслото, па повторно изматете, па на крајот додајте го брашното и половина кесичка прашок за печиво. Повторно изматете со миксерот.
Бисквитот е подготвен, а потребно е да го излеете во кружен калап, по можност со флексибилен обрач, во кој претходно сте ставиле малку намастена хартија за печење. Дијаметарот (пречникот) на мојот калап е 24 см.
Врз бисквитот се нанесуваат омекнатите јаболка. Бисквитот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20 минути. Пред крајот на печењето се додава филот од белки.
Подготовка на филот од белки: Во сад изматете 3 белки со 120 г шеќер додека да се формира цврста шлаг/пена. Овој фил се прелива преку колачот и добро се распоредува. Повторно се враќа во рерна, да се допече на пониска температура, 150 степени, околу 20-тина минути. Потоа, колачот се вади од рерна и се остава добро да излади пред да се послужи. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
ЦЕЛУВКА/ПУСЛИЦА ТОРТА-ВТОР РЕЦЕПТ. Лесна торта за сите пригоди. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 200 г готови целувки/пуслици, 2 чоколади за готвење, 200 г шеќер во прав, 300 г мелен бисквит (плазма), 1 маргарин или путер, 2 шлага, млеко за подготовка на шлагот.
ПОСТАПКА: Измелениот бисквит (плазмата) измешајте го со малку растопен маргарин и малку топло млеко. Смесата истресете ја во калап за колачи, па со дланката или со лажица се натапкува за да се формира кора. Одозгора наредете ги целувките/пуслиците.
Одделете ги белките и жолчките. Изматете ги белките додека да се стегнат и да станат пенасти. Во жолчките додајте шеќер и изматете ги додека да згуснат како крем, па варете ги 15-тина минути на пареа. Чоколадото растопете го на пареа. Потоа во белките постепено додајте го топлиот крем жолчки и растопеното чоколадо.
Соединете ја смесата, оставете да се олади на собна температура, а потоа додајте го омекнатиот путер (исто на собна температура), па соединете со миксер додека да се инкорпорира. Протресете ја оваа смеса преку пуслиците. Одозгора се премачкува шлаг и се декорира по желба! / Сoolinarika.com
Коментар на Светлана: Еве една испробана идеја од мене. Во топлото млеко (за кората) додајте малку чоколадо за готвење, кората ќе биде повкусна.
Коментар на Гизела: Ова е прекрасно, го гледав на Обн ТВ, но заборавив да го запишам рецептот, ви благодарам многу што го објавивте рецептот, еден од моите омилени.