Јафа колачите се украс за срцето, толку многу се вкусни, што после секое засладување со нив, си воздивнyвам од среќа. Навистина се многу вкусни, особено одговара тоа што можете да ги правите и посни, за време на големите пости да си јадете нешто вкусно.




Фотографија и рецепт на Фемије Сулејмани. Рецептот и колачите ни го претстави нашата драга пријателка Фемије Сулејмани, членка во групата НМД рецепти. Ги пробавме колачите, одлични се! Еве кои состојки ќе ви бидат потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 1 пудинг од ванила, 1 лажица нишесте (густин), 3 лажици шеќер, 30 г кокос, 24 јафа кекси (ресана) и мелени/сечкани ореви за валкање на кексите – или мелени кекси, по желба.




ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете 500 мл млеко, 1 кесичка пудинг од ванила, една лажица густин, три лажици шеќер, па убаво промешајте да нема грутчиња Ставете на оган и загревајте со постојано мешање додека да згусне. Откако ќе зоврие намалете го огнот и варете на потивка температура за да не ви загори.




Во сварениот крем додека е уште топол додајте 30 г кокосово брашно и промешајте за да се соедини. Смесата оставете ја целосно да излади и да згусне уште повеќе. Повремено промешувајте за да не фати коричка. Кога кремот ќе биде млак, може да спојувате по две кекси, слично како руските шубари:




-врз еден кекс (од бисквитната страна, чоколадната страна треба да биде надворешна), ставете 1-2 лажички фил, па спојте со друг кекс на истиот начин (чоколадната страна да биде надворешна), обложете и израмнете странично. Потоа валајте ги во мелени ореви или кекси. А еве како да ги приготвите вкусните јафа топчиња:




РЕЦЕПТ ЗА ЈАФА ТОПЧИЊА. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г бисквити со вкус на какао, 150 мл сок од портокал, 1 ванилин шеќер,2 големи лажици џем од портокал или кајсија, 1 ребро (50 г) чоколадо за готвење, рендана кора од портокал, 1 лажица мед.




ПОСТАПКА: Бисквитите сомелете ги или добро издробете ги, прелијте ги со сок и промешајте. Додајте мед, џем, ванилин шеќер и растопено чоколадо, а на крај и рендана кора од портокал. Убаво промешајте за да се соединат состојките во еднолична смеса. Најдобро е со рака да се замеси добро.




Добиената смеса оставете ја во фрижидер малку да одмори околу 30 минути, а потоа од неа кинете и формирајте топчиња или облици по желба. Додајте уште малку бисквити доколку сметате дека смесата ви е премека.




Топчињата можете да ги валате во мелени бисквити, кокос, рендано чоколадо, мелени ореви, лешници или нешто по ваша желба. Можете смесата да ја ставите во калап обложен со проѕирна фолија и потоа да сечете парчиња (триаголници, коцки, штангли…).

Може да додадете и друг вид на бисквити и уште 1-2 лажици какао. Ако сакате посладок вкус во смесата може да додадете уште малку шеќер во прав, а исто и чоколадо.