Чоколадна торта која се прави за празници, родендени и други прослави. Многу е вкусна и не бара многу внимание и долго седење во кујната. Се прави многу едноставно, а јас ќе ја правам за Велигден, најубавиот и најчистиот празник во годината.




Тортата излегува голема и има совршен кремаст вкус кој се разлева низ устата. Може да ја декорирате по сопствен избор, по ваша желба, а во продолжение може да погледнете како јас го направив тоа на едноставен начин. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 100 г шеќер (5 големи лажици), 1 кесичка ванилин шеќер, 100 мл масло, 150 мл млеко, 10 лажици брашно, 2 мали лажици какао, 1 кесичка прашок за печиво, 5 лажици мелени ореви.




ЗА ФИЛОТ: 200 г чоколадо за готвење, 250 мл крем за готвење, 120 г шлаг крем со вкус, 100 г мелени ореви (може и малку да се потпечат), 1 шлаг во прав по вкус и уште малку млеко за да го направите шлагот. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 70 г чоколадо, 50 мл слатка павлака и уште малку рендано чоколадо.




ПОСТАПКА: За подготовка на кората, во еден подлабок сад скршете ги јајцата, додајте го шеќерот и ванилата и изматете добро со миксер. Кога шеќерот ќе се растопи, а јајцата ќе станат пенасти додајте го маслото.




Намалете ја брзината на матење со миксерот и започнете постепено да го додавате млекото додека целосно да се инкорпорира со останатите состојки. Преку сито, просејте го брашното, какаото и прашокот за печиво. Вака подготвената смеса се меша со шпатула додека целосно да стане мазна, еднолична и без грутки.




Во плех од електричен шпорет (со димензии 45х35) обложете хартија за печење и излејте ја смесата рамномерно низ целата површина на плехот. Печете во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 15 минути, а потоа проверете дали кората е испечена однатре со чепкалка.




ЗА ФИЛОТ: во тенџере стопете го чоколадото кое треба да биде скршено на коцки заедно со кремот за готвење. Потоа тргнете од рингла, почекајте да се олади, па покријте со проѕирна фолија и ставете во фрижидер да отстои 1,5 до 2 часа.




По изминатото време, измиксајте го чоколадниот крем за малку да се разреди и додајте ги оревите, кои претходно може малку да ги потпржите (опционално). На одделно место направете шлаг по упатството на кесичката. За тоа ќе ви биде потребно малку млеко.




Филување: кората се сече на три еднакви делови. Првата се премачкува со 1/2 од чоколадниот фил, 1/4 фил од шлаг. Корите можете по малку да ги прскате со млеко, иако сами по себе корите се многу сочни.




Одозгора се става втората кора и се повторува процесот како првата. Врз третата кора се премачкува останатиот шлаг, одозгора и по страните. Тортата се остава во фрижидер да се олади пред да се декорира. Јас ја декорирав со 70 г чоколадо за готвење и 50 мл слатка павлака, ги растопив, па по страните ја премачкав тортата со овој фил, а на средина наросив со рендано чоколадо. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.