Многу обав спој од пудинг со плазма, ореви и кокос, сите ги воодушевуваа. Ако ви треба некоја навистина вкусна торта која е кремаста и се топи во уста, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас. Некои ја знаат како „песок“ торта, а ја има во неколку варијанти. Еве што ви е потребно за оваа:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко, 10-15 супени лажици шеќер по вкус, 4 кесички пудинг со вкус на ванила (вкупно 160 г), 100 г кокосово брашно, 160 г мелени ореви, 160 г мелена плазма или бисквити по ваш избор, 125 г путер или маргарин




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 200 мл слатка павлака, 100 г чоколадо по избор, 40 г мелени кекси, 20 г мелени ореви, кокосово брашно. СОВЕТ: Кога ќе ги додавате кокосот, оревите и плазмата во пудингот, правете го тоа постепено, сè додека да ја добиете посакуваната густина, па можеби ќе треба помалку или повеќе од наведените количини




ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете 800 мл млеко и шеќер по ваш вкус, па загревајте на умерена температура додека шеќерот да се растопи и млекото да зоврие. За тоа време во посебен сад разматете го прашокот за пудинг со 200 мл млеко.




Потрудете се да нема грутчиња смесата, па полека и во тенок млаз додајте ја во зовриеното млеко со непрекинато мешање. Варете на тивко додека пудингот убаво да се згусне. Потоа претурете го во друг сад за побрзо да се олади и покријте го со стреч фолија.




Путерот исечете го на коцки и оставете го да омекне на собна температура, па кога пудингот ќе се олади, додајте го путерот и со миксер доб ро соединете. Запамтете, путерот и пудингот мора да бидат на иста собна температура за да добиете убав, нежен крем.




Ова е основната смеса која треба да ја поделите на три, приближно еднакви делови. Во првиот дел постепено додавајте ја мелената плазма, во вториот кокосовото брашно, а во третиот дел додајте ги мелените ореви.




По ваш вкус може да додадете повеќе или помалку од состојките, во зависност од густината која сакате да ја постигнете. Имајте во предвид дека со дополнително ладење кремовите уште повеќе ќе се стегнат.




Калапот намастете го со путер на дното и страните. Користев калап 24 см, а може и помал, од 22 см. Рамномерно распоредете го најпрво филот со плазма, израмнете, па распоредете го филот со кокосот, а на крај нанесете го филот со оревите.




Тортата декорирајте ја по ваш вкус (може само со шлаг, со чоколадна глазура или само да ја наросите со мелена плазма, ореви или кокос). Тортата треба да отстои во фрижидер најмалку два часа пред послужување. Колку подолго стои, толку е повкусна и има поубав пресек. Ние не бевме стрпливи, па ја начнавме само после половина час. Мојата декорација:




Загрејте ја слатката павлака (да не зоврие), па додајте го чоколадото и растопете го. Оставете 10-тина минути да се олади, па додајте ја мелената плазма и оревите. Прелијте преку оладената торта која сте ја извадиле од калап. Украсете дополнително со кокосово брашно. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.