Сега ќе ви покажам како можете да ги фарбате јајцата со помош на алуминумска фолија. Начинот е многу ефикасен и не одзема нешто многу време, што е многу корисно за домаќинките кои постојано се зафатени како мене. Голема желба ми е кога ги радувам децата со шарени велигденски јајца, но за жал немам време да бидам креативна како порано.
Па случајно наидов на овој метод кој многу ми помогна и олесни работа, а за првпат го пробав лани. Оваа година дефинитивно пак вака ќе ги правам. И си купив бои уште отсега бидејќи брзо се распродаваат како што ни се ближи празникот. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: алуминиумска фолија, туфери/памук, 50 мл ал-кохолен оцет, 50 мл вода, шлаг за матење или може да користите и готов и прехранбени бои за ладно боење (може да бидат и течни)
ПОСТАПКА: јајцата сварете ги во тенџере со вода, но не ставајте премногу на едно место за да не се скршат при варењето. Пред да ги ставите да се варат, додајте 1 лажичка сол во водата. По зовривање на водата, варете уште 6 минути.
По варењето, јајцата добро се оставаат да се исушат на крпа и да се оладат. Земете ја алу-фолијата и исечете на парчиња за да можат да го обликуваат секое јајце. Јајцата може да ги правите не следниве 3 начини:
Првиот начин е да изматите шлаг, може да биде и некој најевтин кој се мати само со вода и потребно е да го изматите цврсто. На секое парче алу-фолија (тие неколку јајца што планирате да ги правите на овој начин) ставете по 1 лажичка од шлагот и развлечете околу целата фолија. Врз шлагот наросете по неколку бои (може 2,3 или повеќе бои) и ставете ги јајцата одозгора.
Добро замотајте со фолијата, а кога ќе отстојат 2-5 минути измачкајте ги низ фолијата да се распоредат боите. Потоа во еден сад со вода измијте го вишокот од шлагот, па ставете ги уште малку да се измијат под млаз вода. Оставете ги настрана да се исушат.
Вториот начин е на фолијата да измешате од боите за декорирање, па одозгора да испрскате со раствор од 50 мл оцет и 50 мл вода подеднакво (ова е количина за вкупно боење). Потоа ги завиткувате јајцата добро во фолијата и ги оставате да се исушат на парно, под фен или некој сличен затоплувач.
Третион начин е сличен на вториот само што врз фолијата се ставаат 4-5 туфери и врз нив се ставаат прехранбените бои и мешавината од оцет и вода. Се сушат добро на истиот начин. На крајот добивате три различни нијанси на јајца: свилени, шарени и елегантни.
Кога добро ќе се исушат боите на јајцата, премачкајте ги со масло и оставете да се исушат или со специјален гел за сјаен ефект. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.