Не знам дали има полесен рецепт за приготвување на вкусни колачи, но овој е најлесниот кој јас го знам. Сите состојки се мешаат во еден сад, се замесува убаво тесто, а потоа се кинат парчиња, се формираат топчиња кои потоа се валаат во јатки и се печат. Овие колачи ни се омилени на сите дома и многу често ги правам. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 280 г брашно, 120 г шеќер, 60 мл масло за готвење, 60 мл растопен путер, 1 кесичка ванилин шеќер (8 г), 1 прстофат сол, 1 кесичка прашок за печиво (8 г), 40 г чоколадни трошки (рендано чоколадо или чоколадни „капки“), ситно сечкани кикирики (или други јатки) за валање на колачите
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете едно цело јајце и додајте жолчка од второто јајце. Одвоената белка сочувајте ја помал сад, подоцна ќе биде потребна за валање на колачите (покријте ја со стреч фолија и оставете ја во фрижидер).
Потоа додајте 8 г ванилин шеќер, еден прстофат сол, 120 г шеќер, па сето добро изматете го со жица маталка. Шеќчерот треба да започне да се растопува и да се добие изедначена мазна и светла смеса.
Во изматените јајца со шеќер додајте 60 мл масло за готвење и 60 мл претходно растопен и оладен путер (во течна состојба, но да не е топол). Повторно матете додека маслото и путерот да се инкорпорираат во јајцата.
Најпосле во течните состојки започнете да го додавате брашното (280 г) помешано со прашок за печиво (8 г). Мешајте со лажица или шпатула додека да се впијат течностите, а потоа замесете со рака.
Треба да добиете компактно, еднолично тесто кое малку е ровко и лесно се обликува со рацете. Во тестото додајте 40 г чоколадни трошки, капки или едноставно изрендајте црно или млечно чоколадо, па уште малку месете додека рамномерно да се распоредат.
Од тестото кинете мали парчиња, со дланките формирајте топчиња, а потоа малку сплесувајте ги за да го добиете обликот на колачите. Секое колаче прво натопувајте го во белката од јајце само од едната страна, а потоа валајте го во ситно сечкани кикирики или други јатки по ваш избор.
Формираните колачиња редете ги во плех обложен со хартија за печење. Рерната загрејте ја на 170 степени, па ставете ги колачите да се печат околу 15-20 минути. Печените колачи оставете ги малку да се подизладат, па послужете ги. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.