Похуваните јадења со пиво обично се исклучително вкусни и крцкави. Откако ќе научите како да ја подготвувате смесата, ќе добиете непроценлив сојузник во кујната. За оваа смеса нема конкретна количина за зачините, тие ги додавате по вкус колку сакате да биде зачинето. Првиот начин е за похување со јајце, а вториот начин е посно похување.




За подготовка: убаво изматете едно јајце. Додајте една чаша пиво, а по вкус: црн пипер, лук во прав/гранули, кромид во прав и малку црвен пипер (љубителите на пикантната храна може да додадат лут пипер-чили). Потоа во добро изматената смеса додајте 4-5 лажици брашно и повторно изматете убаво додека смесата да се изедначи.




Пред да започнете со подготвување на јадењето, треба добро да ја загреете маснотијата во која ќе пржите. Дополнително, потребно е јадењето да се исплакне со ладна вода (на пример месото), непосредно пред печењето бидејќи така храната ќе стане уште покрцкава.




Постапката е следна – исплакнете го месото и извалкајте го во посебна чинија со брашно, па во смесата со пиво, убаво распоредете сè и потоа ставете во тава за пржење. Маслото треба да биде добро загреано пред да го ставите месото на пржење и ставате во поголем слој, отприлика 3 см длабочина.




Похуваната смеса со пиво е совршен додаток на јадењата со пилешко. Подготовката на пилешко со пенлив пијалак одзема речиси исто време колку што е потребно за да се подготви обично пржено похувано пилешко.




Во смесата можете да додадете босилек или кантарион. Запомнете дека мешавината од пиво треба да се користи веднаш по нејзината подготовка. Помеѓу парчињата пилешко оставете растојание од 2-3 сантиметри.




Штом се испржат од едната страна, превртете го месото на другата страна и покријте ја тавата додека да се испржи убаво месото од двете страни. Откако ќе се испржи месото, извадете го на чинија со хартија за печење да се исцеди од маснотијата доколку сакате да ја зачувате нивната крцкава текстура. По потреба направете уште малку од смесата за похување, а за посна смеса го изоставате јајцето.




За похување на риба: Посно похување во пиво, пченкарно брашно и пченкарен гриз. На овој начин може да се похува било каков вид на риба (морска, речна, а одлична е за сите видови филети), посни ќофтиња, тиквички, модар патлиџан, печена пиперка и уште многу други видови на зеленчук или она што вие го сакате.

похуван багрем




Потребни состојки за 1 кг риба: 300 мл пиво, 5 лажици пченкарен гриз, 3 лажици пченкарно брашно, 1 лажица бело брашно + за прво валкање, 1 лажица лебни трошки/презла, ½ лажичка црвена мелена пиперка, ½ лажичка лук во прав или во гранули и 1 лажичка сув зачин/вегета.




Постапка: Измешајте ги пченкарното брашно, гризот, презлата и додајте лажица бело брашно. Измешајте па додадете сув зачин, лук во прав и црвена мелена пиперка. Во друг сад ставете околу 5 лажици бело брашно.




Во трет сад ставете го пивото. Загрејте масло во тава кое треба да е длабоко барем 1 цм, во кое рибата ќе се пржи на температура нешто појака од умерената. Рибата прво валкајте ја во бело брашно, па потоа во пиво, па потоа во мешавината.

Валкајте ја добро од сите страни и уште малку со раката притиснете. Пржете ја рибата додека да добие силна златна боја. Доколку похувате зеленчук, количината на состојките ќе ги менувате. Покрупните парчиња бараат помалку состојки, додека ситните – повеќе. Мешавината е одлична, додека се пече не отпаѓа.