Рецепт и видео презентација од “Слатките на Наташа” – 7 видови брзи колачи од една основна смеса.

Потребни состојки за основна смеса:

940 г мелени кекси, може петит
320 г шеќер во прав
400 мл млеко
450 г путер или маргарин
2 ванилин шеќер

Постапка:

Во длабок сад ставете 940 г мелени кекси и 300 г шеќер во прав и 2 ванилин шеќери. Убаво промешајте за да се изедначат состојките. Направете вдлабнување и продолжете да додавате 45о г растопен путер и 400 мл млеко. Убаво промешајте за да се соедини смесата. Најдобро е да се измеси. Потоа добиеното смеса поделете ја на 7 места по 300 г.

РОЛАТ СО КРЕМ БАНАНЧИЊА

300 г основна смеса
50 г чоколадо за готвење
3 чоколадни бананчиња
шеќер во прав за валкање на ролатот

Постапка:

Од основната смеса одземете 300 грамови и додадете 50 г растопено чоколадо. Промешајте со лажица или со рака. Добиената смеса поставете ја врз масна хартија и поклопете со уште еден лист. Малку притиснете со дланката и развлечете со оклагија. Со помош на линијар формирајте правоаголна кора.

Отстранете ја горната хартија, па на едниот крај од кората поставете три чоко-крем-бананчиња, па со помош на хартијата свиткајте го ролатот. Оставете го во фрижидер, а следниот ден валкајте го во шеќер во прав.

ТОПЧИЊА СО НАПОЛИТАНКИ И ЛЕШНИЦИ

300 г основна смеса
50 г наполитанки со лешници
50 г пржени мелени лешници
20 г чоколадо за готвење
пржени сечкани лешници за валкање на топчињата

Постапка:

Во 300 г основна смеса додадете 20 г растопено чоколадо, 50 г мелени наполитанки со лешници и 5о г мелени печени лешници. Состојките соединете ги. Со лажица црпете од смесата и формирајте топче . Секое топче валкајте го во мелени/сечкани лешници. Оставете ги во фрижидер да се оладат.

ТОПЧИЊА СО КОКОС И ЕУРОКРЕМ

300 г основна смеса
70 г кокос
1 лажица рум
кокос за валкање на топчињата
двобоен еурокрем за декорација

Постапка:

Во 300 г основна смеса додадете 70 г кокос, една лажица рум. Состојките соединете ги, најдобро со рака. Со лажица црпете топчиња, формирајте топчиња и редете ги на масна хартија. Секое топче со дршка од дрвена лажица или прст формирајте мало вдлабнување во средината во кое ќе се стави филот. Топчињата валкајте ги во кокос, вратете ги на тацна и ставете ги во фрижидер. Средниот ден филувајте ги со двобоен еурокрем.

КОЛАЧ СО ЈАФА КЕКСИ

300 г основна смеса
1 лист обланда
40 г кокос
9 парчиња јафа кекси

Постапка:

Во 300 г основна смеса додадете 40 г кокос и соединете со лажица или рака. Еден лист обланда пресечете го на половина. Половина од смесата распоредете ја врз обландата свртена со крупните коцки кон горе и израмнете. Наредете 9 јафа кекси (ресани) врз смесата(6 цели и 3 половинки). Малку притиснете ги со дланката. Распоредете ја преостанатата смеса, израмнете и поклопете со обландата (со крупните коцки свртена кон долу) и притиснете. Оставете во фрижидер поклопено со некоја тежина.

ТРИАГОЛНИЦИ

300 г основна смеса
70 г мелени ореви
100 г сечкани желе бонбони
растопено чоколадо со масло, заедно растопете го чоколадото за колачот со орео, па прво премачкајте ја пирамидата

Постапка:

Во 300 г основна смеса додадете 100 г ситно сечкани желе бонбони и 70 г мелени ореви. Состојките соединете ги со лажица или со рака. Добиената смеса распоредете ја врз масна хартија, па свиткајте ја и обликувајте ја во триаголници. Вака приготвениот ролат ставете го на тацна во фрижидер.

КОШНИЧКИ

300 г основна смеса
70 г кокос
калап за кошнички
шеќер во прав за калапот

Постапка:

Во 300 г смеса ставете 70 г кокос и соединете со рака или лажица. Калапите за кошнички обложете ги со шеќер во прав, па со смесата полнете ги приготвените калапчиња. Малку потчукнувајчте ги за да може смесата да излезе. Вака приготвените кошнички ставете ги во фрижидер.

КОЛАЧ СО ОРЕО КЕКСИ

300 г основна смеса
100 г кршени орео кекси
150 г чоколадо за готвење
3 лажици масло

Постапка:

Во 300 г основна смеса додадете 100 г кршени орео кекси. Убаво соединете со рака, па смесата истресете ја врз масна хартија. Формитајте правоаголник со дебелина по желба. Колачот оставете го во фрижидер.

Декорација:

150 г сечкано чоколадо прелијте го со 3 лажици масло и растопете го во микробранова печка или на пареа. Со помош на четка премачкајте го триаголникот и вратете го во фрижидер за да се стегне.

Колачот со орео кекси исто така прелијте го со растопеното чоколадо и оставете го во фрижидер да се стегне. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.