Авторот на малата книга за рецепти Слободанка Бошевска – Ристовска има собрано над 100 рецепти за подготовка на ситни и брзи колачи. Таа уште како дете започнала да собира рецепти, но и да прави домашни колачи, бидејќи ”купечките” колачи воопшто не и се допаѓале.

На почетокот колачите не и излегувале како што таа посакувала, но сè уште била дете и немала доволно искуство. Во нејзината мала книга има напишано дека сè се учи, само треба трпение за почетниците во кујна, а пред сè е потребен и добар рецепт.

Таа исто така споменува дека овие ситни колачи ги нарекуваат „визитарски“ во Битола, од каде таа потекнува. Секој колач си има име од онаму каде што потекнува, а во оваа книга се забележани нивните оригинални имиња.

Неколку совети од авторот

I За ситните колачи не треба многу време за подготовка, особено ако се работи за оние за кои не е потребно печење – многу повеќе време е потребно веќе подготвени да отстојат, па затоа секогаш подготвувајте ги неколку дена однапред.

II Ако треба да ги глазирате бомбиците – прво добро изладете ги во фрижидер, па потопете ги во растопено чоколадо (чоколадна глазура) претходно набодени на чепкалка за заби или тенко стапче за ражниќ, отстранете го вишокот и наредете ги на некој плех обложен со хартија (или набоцкајте ги на стиропор), а потоа вратете ги во фрижидер.

III Можеби се прашувате, што ако се стегне чоколадото пред да ја завршите работата? Па, повторно ќе го загреете, но не повеќе од 37 C, затоа што ќе прегори и ќе го изгуби сјајот. Најдобро е, чоколадото во кое секогаш се додава билна маст, масло за јадење, маргарин или фондан да ги топите на пареа и да ги држите над врелата вода сè додека да завршите со подготовката на колачи.

I рецепт: Пуслици (целувки)

Потребни состојки: 4 белки (160 г), 400 г шеќер, сок од половина лимон, малку сол.

Подготовка: Најосновно е дека садовите што се употребуваат и миксерот треба да бидат идеално чисти (ни масни ни влажни). Белките треба да се измерат, а под една белка се подразбира околу 40 г. Доколку се јајцата помали, можеби ќе ви бидат потребни 5 јајца.

Белките се ставаат во чист сад, се додава сосем малку сол (прстофат) и се започнува со матење со миксер. Кога ќе добиете бел снег, се додава шеќерот постепено, сè додека да се растопи, а снегот да стане цврст и сјаен. На крајот капка по капка се додава сокот од лимон со постојано мешање на смесата.

Во меѓувреме, рерната се загрева на 160 степени, а пуслиците со шприц за тулимби се истиснуваат на плех со бела хартија. Кога рерната ќе биде загреана, се става плехот во неа и температурата веднаш се намалува на 120 C, а пуслиците се печат повеќе од еден час. Доколку рерната е многу силна, температурата на почетокот треба да биде 120 C, а потоа да се намали на 100 C.

II рецепт: Какао пуслици

Потребни состојки: 3 белки, 200 г шеќер, 50 г мелени ореви, 2 лажици какао.

Подготовка: Од белките и шеќерот се прави цврст шам, се додава какаото, убаво се меша смесата и на крај се додаваат мелените ореви. Притоа е важно да се меша со дрвена лажица за да не спадне смесата.

Потоа се прават мали форми со шприц за тулумби и се печат на 100 C околу 30 минути. На површината, пуслиците треба да бидат цврсти, а одвнатре сочни. Оревите најлесно ќе ги истолчите ако ги ставите во една пластична ќеса за во замрзнувач. Убаво затворете ја ќесата и преку неа развлечете со оклагија или шише.

III рецепт: Жолти пуслици

Потребни состојки: 3 јајца, 300 г кристал шеќер, 300 г сечкани ореви.

Подготовка: Сите состојки се мешаат заедно и смесата се става на тивок оган во сад. Со меша постојано додека да добиете густа смеса. Потоа садот се трга од шпоретот, се остава малку да се подизлади и со лажиче се вадат пуслици и веднаш се ставаат во хартиени калапчиња (корпи од хартија). Пред да се послужат потребно е неколку дена да се сушат на провев (не во фрижидер).

IV рецепт: Пуслици со кокос

Потребни состојки: 3 белки, 250 г шеќер во прав, 200 г кокос, малку сол.

Подготовка: Од белките со малку сол се матат со миксер додека да добијат форма на снег, а потоа постепено се додава шеќерот и се продолжува да се мати смесата над пареа додека стане цврста и сјајна.

Потоа садот се трга од шпоретот и со дрвена лажица се додава кокосот па се остава смесата да се подизлади. Пуслиците се формираат со лажичка и се печат на наместен плех на 150 C.

V рецепт: Филувани пуслици

Потребни состојки: 4 белки  (160 г), 320 г кристал шеќер, сок од еден лимон. За фил: 4 жолчки, 150 г шеќер во прав, 150 г путер, 100 г млечно чоколадо.

Подготовка: Пуслиците се подготвуваат како во првиот рецепт, со единствена разлика што треба да бидат помали и треба да се формираат со шприц за филување. Откако ќе бидат готови пуслиците, ќе ги спојувате две по две со филот и потоа се служат во корпици од хартија. За филот: Путерот се мати пенасто со шеќерот во прав, па се додаваат една по една од жолчките, а на крајот омекнатото чоколадо.

VI рецепт: Филувани пуслици 2

Потребни состојки: 2 белки, 12 лажици шеќер во прав. За филот: 4 жолчки, 4 лажици шеќер во прав, 25 г рендано чоколадо, 150 – 200 г мелени ореви.

Подготовка: Белките се матат заедно со шеќерот во прав, а од состојките предвидени за филот, се матат жолчките со шеќерот, а потоа се додава ренданото чоколадо, па се замесуваат сите состојки и се додаваат мелените ореви, додека да се добие густа смеса. Од оваа смеса се прават ”бомбици”, кои се валаат во белките и се печат на 120 степени околу 40 минути. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска