Погача гасеница со урда, мека како памук. Рецепт и видео прилог на: Cucina Facile Tashev. Вкусна и мека како памук погача, филувана со урда. За рецептот има и видео прилог од постапката, а истата можете да ја погледнете на линкот под пишаниот рецепт.

Потребни состојки: 120 мл млеко, 100 мл вода, 40 мл масло, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 20 г свеж квасец, 1 белка од јајце, 400 г брашно. За фил: 1 јајце, 250 г урда/рикота, 1-2 лажици свеж магдонос. Постапка: Квасецот издробете го па додадете 100 мл млака вода и 120 мл млако млеко.

Промешајте за да се растопи квасецот, па додадете 40 мл масло и белка и од едно јајце. Промешајте и соединете ги течните состојки, па додадете две лажички сол и една лажичка шеќер. Измешајте за да се растопат. Постепено додадете го брашното и мешајте најпрво со маталката, а потоа и со рака.

Измесете го тестото, а потоа 20 пати удрете го од висина врз работната површина. Тестото покријте го со крпа и оставете го да стасува еден час. За тоа време пригответе го филот. Во подлабок сад измешајте едно јајце со 250 г рикота (кремаста урда), а доколку имате обична сува урда, во неа додадете 1-2 лажици кисела павлака.

Промешајте добро за да добиете кремаста структура. Посолете и додадете ситно сечкан свеж магдонос. На набрашнета површина истресете го стасаното тесто и поделете го на два дела. Без премногу гмечење, од секој дел формирајте најпрво валјак, а потоа со помош на оклагија развлечете долгнавеста, правоаголна кора.

На едната страна направете засеци (погледни видео) на околу 1,5-2 см растојание, но не до крај. Од другата страна нанесете половина од филот. Потоа свиткајте во ролат-гасеница. Ролатот свиткајте го како полжав и ставете го во намастена тркалезна тепсија.

Истата постапка повторете ја и со второто тесто, а вториот ролат-гасеница, надоврзете го на првиот. Погачата одозгора премачкајте ја со жолчка и наросете сусам. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 35 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Гасеница (Тиртил) погача – мека како памук. Погачата ни ја претстави нашата драга членка Габриела Миленкоска во групата НМД рецепти. Па доколку сте љубители на вкусните печива, овој рецепт не треба да го пропуштите. Погачата ја филувате по ваш вкус, односно со сирење и блитва, месо, шунка и кашкавал…

Во продолжение можете да прочитате адаптиран рецепт, а под него и оригинален турски рецепт со видео презентација. РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 200 мл вода, 200 мл јогурт, 25 г свеж квасец, 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол, 100 мл масло, околу 700 г брашно.

Постапка: Во еден сад ставете ја млаката вода, квасецот и шеќерот. Оставете 10-тина минути за да се активира, па додадете јогурт (на собна Т), масло, сол и брашно. Замесете го тестото кое не се остава да стасува, туку добро се изработува така што топката тесто се фрла на работната површина 50-60 пати.

Потоа тестото поделете го на 10 топки. Секој дел развлечете го во елипсовидна кора со должина од 28 см, а ширина 10 см. Од едната страна се сечат ленти, но не до крај, се филува по вкус и се витка во ролат како гасеница. Се редат во плех но не залепени една до друга, затоа што при печењето ќе нараснат.

Се остава да стасува половина час, па се пече во загреана рерна на 180 степени додека да добие златно-жолта боја. На крај погледнете го и РЕЦЕПТОТ СО ВИДЕО ПРЕЗЕНТАЦИЈА: За да го приготвите тестото од погачата, ќе ви бидат потребни следните состојки:

1 коцка свеж квасец, 2 лажици шеќер, 2 чаши (од 200 мл) млеко, 1 чаша масло, 2 белки, 1 голема лажица путер (околу 50-70 г), 1 лажица сол, 5,5 чаши брашно или по потреба, 2 жолчки за премачкување, фил по избор. Постапка: Една коцка свеж квасец издробете ја и прелијте ја со две чаши (од 200 мл) млако млеко и две лажици шеќер.

Промешајте убаво за да се растопат шеќерот и квасецот. Потоа додадете една чаша масло, две белки од јајце, па уште еднаш промешајте за да се изедначи, па додадете 70 г омекнат путер на собна температура и една полна лажица сол. Измешајте со рака, па започнете постепено да го додавате брашното, вкупно 5,5 чаши или по потреба.

Тестото убаво измесете го на работна површина додека да стане еластично и да не се лепи на рака. Тестото оставете го покриено на топло место додека да ја удвои величината, а потоа премесете го и поделете го на пет еднакви топчиња. Од секое топче со помош на сукало или оклагија формирајте долгнавеста правоаголна кора.

На едната половина од кората направете засеци, а на другата нанесете фил. Свиткајте во ролат како долга гасеница. Вака приготвените ролати редете ги во плех обложен со хартија за печење. Оставете некое време да стасаат, а потоа премачкајте ги со изматени жолчки. Одозгора наросете со сусам, ким или семки по желба. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.