Речиси и да нема таков кој не ги сака солените ролати. Покрај тоа што се многу вкусни и лесни за јадење, тие се прават многу поедноставно и побрзо од другите видови предјадења. Она што е интересно кога станува збор за посните ролати, е тоа што се доста полесни од оние со месо. Во продолжение ви претставуваме 4 такви рецепти:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ролат со спанаќ и туна): 150 г брашно, 1 лажичка сол, 1 лажичка прашок за печиво, 200 г спанаќ, 200 мл газирана вода, 2 супени лажици масло. ЗА ФИЛ: 1 конзерва руна од 160 г, 100 г посен мајонез и малку оригано за вкус.

рецепт 1

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ролат со компири и посни крекери): 500 г компир, сол по вкус, 80 г путер или маргарин, 100 мл посен мајонез, 100 г печени, несолени кикирики, 100 г посни крекери, оригано. ЗА ФИЛ: 250 г растително сирење, 100 мл посен мајонез, 50 г сусам, кисели краставички од тегла, кисели моркови од туршија и уште малку мелени кикирики за наросување одозгора.

рецепт 2

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ролат со ајвар и туна): 8 полни лажици брашно (100 г), 4 лажици ајвар, 250 мл газирана вода, 1 кесичка прашок за печиво (2 лажички), сол и црн пипер по вкус. ЗА ФИЛ: 6 лажици посен мајонез, 1 конзерва туна и 3 кисели краставички и ½ лажичка сенф

рецепт 3

РЕЦЕПТ 4 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (пита-ролат со готови кори): 500 г тенки кори за пита. СМЕСА за премачкување на корите: 200 мл газирана вода на собна температура, 20 г свеж квасец, 5 супени лажици брашно, 3 супени лажици пченичен гриз, 150 мл масло за готвење, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка шеќер.

рецепт 4

ЗА ФИЛ: 200 г печени пиперки, 200 г маринирани шампињони, 200 г кисели краставички, 200 г морков, 3 чешниња лук, 200 г посен мајонез, 100 г растителен кашкавал, 1 мала лажичка мелен црн пипер, сув растителен зачин по вкус




ПОСТАПКА за рецепт 1: Сварете го спанаќот 15-тина минути во солена вода, исцедете го и оставете да се олади, па започнете со подготовка на кората. Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Во подлабок сад ставете го брашното и помешајте со по лажичка сол и прашок за печиво.




Додајте го исцедениот спанаќ, соединете, па започнете постепено да додавате 200 мл газирана вода. На крај додајте две лажици масло, убаво промешајте, а добиената смеса излејте ја во голем плех малку намастен и обложен со хартија за печење. Убаво распоредете ја рамномерно и ставете да се пече 10 минути.




Кората е тенка, па затоа и брзо се пече. Додека е топла, свиткајте ја во ролат заедно сосе хартијата, а потоа свиткајте ја во влажна крпа. Оставете ја да се лади, а за тоа време пригответе го филот. Туната исцедете ја од вишокот масло, па измешајте ја со посниот мајонез и наросете малку оригано за вкус.




Одвиткајте ја кората, полека одвојте ја од хартијата и преку цела површина премачкјате ја со филот, внимавајќи да одите сосем до краевите, за да не истекува при виткањето. Повторно свиткајте го ролатот во влажната крпа и оставете да се стегне во фрижидер, три часа. Потоа лесно се сече на тенки парчиња со големина по желба. Еве ја постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Најпрво сварете ги компирите, испасирајте ги во пире и додајте путер за да се инкорпорира додека е топло. Оставете настрана да се олади и започнете со подготовка на кората. Во подлабок сад испасирајте го посното сирење/тофу со виљушка и изматете го со 100 г посен мајонез за да добиете мазен крем.




Во овој фил од сирење и мајонез додајте 50 г потпечен сусам и ситно сечкан кисел морков и 3 кисели краставички од туршија. Тргнете настрана. Во компир-пирето додајте 100 г посен мајонез, соединете, па додајте ги мелените кикирики и крекери (по 100 г) и малку оригано по вкус.




Смесата со компир развлечете ја врз проѕирна фолија во кора со димензии 40х25 см или две помали по 20х25 см. Обликувајте со раце, а врз неа распоредете го филот од сирење. Израмнете и внимателно свиткајте го ролатот.Одозгора обложете го со мелени/сечкани кикирики, добро зацврстете го во фолијата и оставете го во фрижидер да се стегне, неколку часа или преку цела ноќ. Еве ја постапката и за третиот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 3: Во подлабок сад измешајте го брашното со прашокот за печиво, па додајте сол, ајвар и започнете постепено ја додавате газираната вода. Мешајте со лажица додека да добиете изедначена смеса. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.

Плехот од рерна малку намастете го и обложете го со хартија, па излејте ја во него приготвената смеса. Распоредете ја рамномерно и ставете да се пече во загреаната рерна, приближно 20-30 минути. Печената кора извадете ја од плехот и заедно со хартијата ставете ја врз влажна памучна крпа. Свиткајте ја во ролат, а потоа завиткајте ја и во влажната крпа.

Додека се лади кората, исечкајте ги ситно киселите краставички и измешајте ги со туната и мајонезот. На крај зачинете со малку сенф. Од кората внимателно отстранете ја хартијата, па преку целата површина премачкајте ја со филот од туна.

Повторно свиткајте го ролатот во проѕирна фолија и оставете го да се стегне во фрижидер, неколку часа или преку ноќ. Потоа сечете на парчиња со дебелина од 1-1,5 см или по желба. Следи постапката за приготвување на последниот рецепт од оваа серија:

ПОСТАПКА за рецепт 4: за приготвување на смесата за премачкување на ролатот: газираната вода ставете во соодветен подлабок сад. Додајте го изронетиот квасец и промешајте додека да се растопи. Потоа додајте го маслото, мешавина од брашно, гриз, шеќер и сол. Добро изматете за да нема грутчиња, па покријте и оставете да ферментира 15 минути. Смесата поделете ја два дела, а исто така и корите (за да се добијат два ролати).

Дното на големиот плех од рерна обложете го со хартија за печење. Земете ја првата половина од корите и започнете со редење. Ставете една кора во плехот и прелијте ја со три полни супени лажици од смесата за премачкување, па со силиконска четка премачкјате преку целата површина.

Потоа ставете ја втората кора, па и врз неа ставете прелив и премачкјате ја преку целата површина. Постапката продолжете ја на истиот начин додека да ги наредите сите кори од првата половина. Исто така, премачкјате ја и последната кора.

Оставете ги да одморат половина час за да омекнат. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени и ставете ги корите да се печат 15-тина минути. На работната површина поставете еден поголем лист хартија за печење во кој ќе ја завиткате печената кора.

Кога површината на корите ќе зарумени, извадете го плехот од рерна и со остар нож потсечете ги крајчињата на кората 1 см за полесно виткање. Со помош на хартијата врз која се печеше, префрлете ја кората превртено врз новата хартија и свиткајте ја во ролат. Оставете да се олади, а на ист начин пригответе ја и втората кора.

ЗА ФИЛ: Исчистените печени пиперки добро исцедете ги, па исечкајте ги на ситни коцкички. Морковот сварете го и ситно исечкајте го, а исто така и маринираните печурки, киселите краставички и лукчето. Додајте мелен црн пипер и сув зеленчуков зачин по вкус. Додајте го мајонезот, промешајте, а смесата поделете ја на два дела (за двата ролати).

Одвиткајте ја првата кора од хартијата за печење и премачкјате ја со половина од филот. Добро распоредете преку целата површина, па повторно свиткајте во ролат и префрлете го врз тацна за послужување.

Истата постапка повторете ја и со втората кора, но сега преку филот крупно изрендајте кашкавал, па дури потоа свиткајте го ролатот. Оставете ги ролатите преку ноќ во фрижидер, а следниот ден исечете ги на парчиња со големина по ваша желба (одлично се сечат). Рецепт на Верица Николиќ.